Don't Miss
Home / Колумни / Блокадите како судбина

Блокадите како судбина

               

         Откако по распадот на Југославија,  Македонија на Референдумот во 1991 година плебистицарно се изјасни  самата да си ја крои својата судбина и како независна, суверена и самостојна држава да ги почне процесите за интеграција на државата во НАТО и Европската Унија, наскоро ќе изминат цели 30 години.

        Тие кои на 8 септември 1991 година беа полнолетни и за прв пат во својот живот гласаа за иднината на државата, денес се средновечни луѓе, кои во најголем дел ја колнат својата сегашност,а кои својата иднина ја гледаат надвор од Македонија.

        Од нивниот и нашиот сон за живот во заедницата на Европските држави засега нема ништо.

        Скептиците дури  велат дека додека Македонија ги исполни условите за влез во ЕУ, Европа ќе се распадне?!

        Повеќе од 2,5 децении Македонија на патот до Брисел беше блокирана од јужниот сосед, Грција, која  евроинтеграцијата на Македонија ја услови со  промена уставното име.

         Над 2,5 децении, поточно од 1995 година се водеа преговори за смена на Уставното име на државата, како услов за почеток на преговорите.

        И кога по речиси 25 години, на 17 јуни 2018 година,  во Нивици, Преспа, беше потпишан  Препанскиот договор со Грција за промена на името, се мислеше дека конечно се отвори патот за македонските евроинтеграции, Македонија ја стрефи  нова блокада, од соседна Бугарија, со која повторно  е блокирана на патот за Брисел.

        Иако по потпишувањето на меѓусебниот договор со источниот сосед се мислеше дека сепак оваа блокада нема долго да трае и дека двете држави  брзо ќе се договорат за решавање на меѓусебниот спор околу “заедничката историја “, се покажа дека тоа не е така и дека спорот со Бугарија ќе трае малку подолго.

        И сега, кога во пресрет на одржувањето на  првата меѓувладина седница во Португалија, двете држави на разни нивоа прават напори да ги решат меѓусебните недоразбирања и разлики, Македонија ја тресат нови блокади, кои не само што ги кочат интегаративните процеси за ЕУ, туку го доведуваат во прашање и функционирањето на државата.

        Да биди иронијата поголема новите блокади за (не)функционирање на државата сега  не доаѓаат од странски, или соседни земји, туку од политичките партии во државата.

        Таман премиерот Зоран Заев на вонредната седница на парламентот  од  62 пратеници  доби довербата на неговиот Кабинет, стигнаа новите блокади, кои повторно го доведуваат во прашање не само (не)функционирањето на Владата, туку и на парламентот.

        Колку и да мисли Заев дека мнозинството од 62 пратенеици е сосема доволно за нормално функционирање на Владата, сепак случувањата  на македонската политичка сцена покажуваат дека тоа не  е така и дека поради тенкото мнозинство и (не)оправданото отсуство на некои пратеници од седниците на Парламентот  и бојкотот на опозицијата не можат да се гласаат многу закони.

        Македонија сега се соочува со нови внатрешни блокади кои целосно ја блокирата работата на Владата и Парламентот.

        Сега блокадите доаѓаат од опозиционата  ВМРО ДПМНЕ и партијата на Зијадин Села, Алијанса на Албанците, кои отворено велат дека немаат намера да создаваат кворум за да работи Собранието, туку се закануваат дека доколку мнозинството обезбеди кворум, тие со предлагање на илјадници амандмани ќе се обидат да го блокираат Парламентот и неговто функционирање.

        Политичките партии моментно  како на Кванташки пазар постојано се “пазарат , убедуваат, или разубедуваат околу тоа кој е во право.

        Притоа и едните и другите забораваат дека со таквите  “политики” и нанесуваат огромна штета на државата.

        Поради ваквите блокади и опструкции стотици закони чекаат  на нивно усвојување, а на милост на пратениците чекаат и законите од економската сфера, со кои  Владата треба да си помогне себеси, но и  на граѓаните да се справи со  пандемијата.

        Заслепени од своите суетни политики власта и опозицијата  засега никако не успеваат да      најдат заедничко прифатливо решение, со кое ќе се откочи процесот на нормално функционирање на државата.

        Додека власта тврди дека опозицијата не може да се надмине себеси и да ги прифати нејзините предлози да не ја блокира работата на Парламентот, опозицијата возвраќа дека зошто да и прави таа кворум на власта кога таа тврди дека има мнозинство и уште повеќе кога не прифаќа ни еден предлог  закон кој доаѓа од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија.

        Во ваквите “на ти – дај ми” политики се (при)клучи и Алијансата на Албанците, која  се заканува дека за секој закон кој ќе го понуди власта ќе поднесува илјадници амандмани со кои ќе ја блокира работата на Парламентот.

До кога ќе трае ваквата инает политика, останува да покаже времето. Но едно е сигурно,додека во изминатите 26 години сметавме дека на патот кон Брисел не кочи Грција,  а во послендо време Бугарија, со нивните ирационални барања и условувања, сега се покажа дека нашата интеграција во ЕУ и опстојувањето на државата е загрозена од нас самите себе.

Затоа се чини крајно е време политичарите како од власта, така и од опозицијата, да  ги надминат своите суети и да  ги остранат сегашните блокади, од кои никој нема ќар, туку сите губиме, или пак  да му го вратат гласот на народот, па тој да го каже последниот збор, како понатаму.

Во спротивно што би рекол Цацко, нема ништо од бизнисот.

        Македонија и натаму ќе битисува во Балканската крчма во која политичарите заслепени од своите суетни  политики  ќе се тетерават од своите пијани политики.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*