Don't Miss
Home / Колумни / “Бомбардирања без задршка”

“Бомбардирања без задршка”

                            

          Тоа што многумина го предвидуваа веќе се обистинува.  На кампањата за предвремените парламентари избори се врши класично “бомбардирање “ како од власта, така и од опозицијата за наводни криминалии и злоупотреби.

          Тоа што во овој момент останува непознато е кога “бомбардирњата “ ќе престанат  и какви се “бомби “ , или арсенали на оружје, имаат   во своите “магацини “власта и опозицијата за овие избори.

           Засега “бомбардирањето” се врши пропорционално. По секоја испукана “бомба” од опозицијата кон власта, возвраќа власта кон опозицијата.

          И додека власта и опозицијата секојдневно се “бомбардираат “ меѓу себе,  засега единствените жртви, кои секојдневно гинат во Македонија не се од “бомбите “,  туку од пандемијата од корона вирусот.

           Од испуканите “(пред)изборни бомби “ засега за среќа  нема ни една жртва.

          Во овој момент за жртва не може да се смета ни екс директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, кој деновиве беше повикан на информативен разговор.

          И кога сме кај “бомбардирањата” кои ни се случуваат овие денови, кога изборната кампања  е на средината од изборниот процес, сведоци сме дека најголемиот дел и од “бомбашите “ и лицата кон кои се упатени “бомбите”  им се познати на јавноста и се од случаите “Империја” или  аферата “Рекет”.

           Од тоа што досега имавме можност да го слушнеме од (не)експлодираните “бомби “ очигледно е дека опозицијата се обидува со своите  арсенали од “бомби” да го погоди Заев, а мета на “бомбите” на власта, кои на “Ју тубе” каналите се водат под разни кодни имиња да го ликвидираат лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој не крие дека и тој бил во тесна врска со “олеснителите “ од “Рекет” или “Империја”.

          Сега, кога кампањата е во тек, тешко некој ќе може да предвиди  како ќе се одвива оваа “бомбашка  офанзива”.

          Повеќе од јасно е дека на овие избори  “ бомбите “ ќе бидат главното оружје за уништување на политичкиот противник.

          До крајот на изборната кампања, поточно до изборниот молк,  пред 15 јули ќе слушнеме уште серија на “бомби “, чија убиствена моќ ќе се засилува и дека во таква ситуција  политичките гласноговорници тешко ќе можат на гласачите да им ги  доближат своите програми, кои треба да им го подобрат, или олеснат животот на обичните граѓани.

          Јавноста од Македонија од секогаш многу повеќе покажувала интерес за нешто што се одвивало зад завесата и рекла казала муабетите,отколку за проектите и програмите.

          Тоа што останува како горко сознание, не само за овие, туку и за сите претходни избори е што на македонската политичка сцена постојано ни се случуваат исти и веќе видени работи, политичарите, кои  шуруваат со истите лица од бизнисот, постојано да му нудат на народот отворена битка против организираниот криминал и корупцијата, а подоцна да бидат ставени во скутот на т.н. “бизнис елити”, кои своите (пред)изборни “донации” очекуваат подоцна да им се вратат преку разни тендери и  привилегии, кои може да ги испорача власта.

          Тоа што посебно загрижува е што тие “бизнис елити”,  кои на крајно сомнителен начин го стекнале своето огромно богатство  не кријат дека  во изборните кампањи подеднакво ја помагаат и власта и опозицијата и дека за нив единствената идеалогија  која ги води во животот и особено во изборите е како да си го сочуваат, или зголемат  својот под сомнителни околности (не)легално  стекнат капитал и својата кожа.

          Кога така ќе се постават работите не знам зошто ние воопшто се чудиме што контравезниот Кичеец,  подеднакво го има и во “бомбите” каде цел на бомбардирање се  Заев, а и  Мицкоски.

          Тоа е најдобар доказ дека Кичеец подеднакво се грижел да ги извалка или спаси и едните и другите, најмногу парите на своите ментори и режисери.

          Кога така се водат политиките на македонската политичка сцена, не треба воопшто да не чуди што кај нас  исти  сомнителни лица “снимаат “ и за едните и за другите и што Македонија постојано се занимава со слушање  и “детонирање “ на разни “бомби “.

          Таквата веќе воспоставена практика не доведе до тоа во Македонија за криминал да падни в затвор дури и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во чија чесност не се колнеа само СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, туку и амбасадорите на сите земји во Македонија.

          Фоклорниот  кинематогравски начин на водење политика кај нас , не доведе до ситуација контраверзниот Боки 13 да си поигрува со СЈО, како и со влата и опозицијата и да глуми дека е Тито, кој е жртва на политички прогон.

          Тоа што во мементот со првостепените пресуди за “Рекет”  (не)зависното судство и обвинителката Вилма Рускоска се обидоа на  јавноста да му продадат евтина  приказна, дека правосудството кај нас станало професионално и кредибилно  не е ништо друго, туку обична лакрдиска приказна, во која не веруваат ни тие самите.

          Такви недоквакани судски  пресуди не би опстанале  дури ни во најзабаталените држави во светот, каде што сеуште  граѓаните ги третираат како да  се диви племиња, а тие поглавици.

          Затоа крајно време е кај нас  политичарите да замолчат за тоа како тие ги замислуваат обвинителствата и судството, како и борбата против криминалот и корупцијата. Таа битка не се води со голи пароли, туку со силни институции, професионални, а не партиски  кадри, бескомпромисни  борци против секакви (зло)употреби, кои нема да подлегнат на никакви “тајкунски донации”,  или потплатувања, кога секој ќе си ја брка својата работа и кога т.н. “тајкуни “кои  од своите  бизниси стекнале огромен капитал  парите нема да ги инвестираат во (пред)изборен политички поткуп, туку во  изградба на објекти од кои аир ќе имаат сите граѓани, а не само одредени поединции, кои со нивни пари сакаат да дојдат и да се одржат на власт.

          Време е политчарите да им се заблагодарат на услугите на “хуманитарците “  кои  на грбот на народот  го стекнале својот огромен сомнителен капитал и да се сврат кои придобивање на гласот на граѓаните со идеи, проекти и предалагање на кредибилни луѓе, кои знаат, умеат да работаат и создаваат, но и кои имаат високо изградена свест да работаат за општо добро, а не само за лично богатење и исполнување желбите  само на своите најблиски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*