По повод осми декември, Денот на Свети Климент Охридски, Градоначалникот на Општина Битола, испраќа честитка до сите граѓани:
„Во мое лично име и во име на Општина Битола на сите граѓани им го честитам големиот државен и христијански празник Свети Климент Охридски.
Голема е славата на денешниот ден, патронот на Mакедонската православна црква.
Делата на големиот просветител Свети Климент Охридски, имаат значајни цивилизациски вредности.
Работејќи неуморно, големиот просветител Свети Климент, својот народ го просветлил, го образувал и го облагородил. Тој е дел од основоположниците на словенската писменост и литература, основач на Охридската архиепископија и Охридската книжевна школа која броела 3500 ученици, од кои голем дел станале учители и свештеници.
Да продолжиме да делуваме во духот на хуманоста, меѓусебното разбирање, почит и соработка. Светиклиментовите дела нека бидат наша водилка и поттик во исполнувањето на заложбите за создавање подобра иднина за нас, за генерациите што доаѓаат.
Нека е честит и вековит големиот празник Свети Климент Охридски!“, посакува во честитката Градоначалникот Коњановски.