Од 11 до 13 ноември во Битола ќе се одржи најновото, јубилејно десетто по ред издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Поради здравствената криза и се со цел заштита на здравјето на нашата публика за прв пат фестивалот ќе се одржи во еден нов формат односно онлајн на youtube каналот на „Бабец театар“ и нашата веб страна
www.babecteatar.com.
Фестивалот ќе се одржи во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски е поддржан од традиционален и официјален партнер Комерцијална банка АД Скопје. Логистичка поддршка за фестивалот е од Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и
Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.
Од 11 до 13 ноември на youtube каналот ќе се емитуваат пет претстави кои во минатите
изданија на ИДТФ „Битолино“ ја освоиле наградата Гран-при за најдобра претстава.
„Шампионската едиција“ ќе започне со претставата „Не можеме да останеме на ова“ во продукција на Тијатротем театарот од Истанбул, Турција.
Следниот ден ќе биде прикажана претставата „Валкано крило“, една од најнаградуваните претстави во историјата на детскиот театар, во продукција на Зуазола куклената
компанија од Сантјаго, Чиле, а истиот ден децата ќе имаат можност да ја погледнат претставата на театарот Мала сцена од Загреб, Хрватска со наслов „Смешно чудовиште“.
Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „Четири басни и Кралицата“ во продукција на Рути Тамир театарската компанија од Модин, Израел, а
официјално фестивалот ќе го затвори збратимениот театар од Санкт Петерсбург, Русија, Државниот детски театар на Портите на Нарва со претставата „Малиот принц“ .