Поради надминување на предизвиците од 14 годишната имплементација на Законот за волонтерство и понатамошен развој на волонтерските политики во државата, на иницијатива на неколку граѓански организации Младински културен центар – Битола организираше јавна дискусија по нацрт предлогот за измени и дополнувања на Законот за волонтерство и Нацрт Стратегијата за промоција и развој на волонтерството 2021-2025.
Работна група составена од претставници на државните органи и граѓански организации изминатите неколку месеци интензивно работеше на подготовка на предлозите за измена и дополнување на Законот за волонтерство и нацрт новата Стратегија за развој на волонтерството 2021-2025.
На јавната дебата присутните побараа подобрувања на законските решенија за повторното регулирано отворање на јавните институции за прием на волонтери и нивно усогласување со Законот за трансформација во редовен работен однос, кој изминатите години ја отежнуваше работата со волонтери во јавниот сектор, допрецизирање на одредбите за тоа што е волонтирање задолжителната пракса, потоа стажирањето, општо корисната работа и практикантството.
Во новата Стратегија за развој на волонтерството предвидени се мерки и активности за промоција на волонтирањето кај пошироката јавност, поттикнување на културата на волонтирање и волонтерските вредности во рамки на образовниот систем, мерки за институционална поддршка на волонтерските организации и финансирање на волонтерски активности како и мерки за зголемување на волонтирањето во граѓанскиот сектор.
Со новите законски измени се надминуваат предизвиците и практичните потешкотии за ангажман на волонтерите, посебно во јавниот сектор. Се дава позитивен придонес за понатамошен развој на волонтерството како дејност од интерес на граѓаните која дава квалитет во развојот на локалните заедници и подобрување на квалитетот на живот и солидарноста.
Законот е на јавна расправа до 22 јуни 2021 година, по што ќе биде доставен на разгледување и усвојување во македонското Собрание.
Јавната дебата се одржа во рамките на проектот “Пат Западен Балкан 6“ (ROUTE WB6) – Регионална програма за прекугранична размена на волонтери под водство на РИКО, а поддржана со фондови на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Младински културен центар – Битола е координатор за активностите на проектот во Република Северна Македонија.