Декларацијата од Самитот на ЕУ за Западен Балкан Загреб 2020 потврдува
дека регионот е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за
Европска унија
Лидерите
на земјите членки на ЕУ, првите луѓе на Европскиот Совет, на Европскиот
Парламент и на Европската Комисија, како и шефовите на држави и влади
на земјите од Западен Балкан донесоа и прифатија заедничка декларација
од Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во која ЕУ уште еднаш ја потврди
својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен
Балкан. Од своја страна земјите од Западен Балкан ја реафирмираа својата
посветеност кон европската перспектива како цврст стратешки избор.
Декларацијата од Загреб ја адресира и кризата со коронавирусот повикува на единство и солидарност. Во таа насока ЕУ се залага за своите партнери од Западен Балкан и останува посветена на активна поддршка на нивните напори за борба против коронавирусот и за справување со последиците врз општествата и економиите.
Во заедничката декларација се потенцира дека ЕУ и земјите од Западен Балкан заедно се борат против коронавирусот и со последиците од пандемијата КОВИД-19. ЕУ мобилизираше многу бргу пакет од над 3,3 милијарди евра во корист на земјите од Западен Балкан. Овие средства, освен за пост-пандемичкото закрепнување, се наменети за непосредна поддршка за здравствениот сектор, за потребите на социјалното и економско закрепнување на земјите од регионот. Дополнителна поддршка се пакетот од 750 милиони евра за макрофинансиска помош и 1,7 милијарди евра од Европската инвестициска банка.
Декларацијата од Самитот на ЕУ за Западен Балкан Загреб 2020 истакнува дека пандемијата покажува дека ЕУ и земјите од Западен Балкан заедно се справуваат со заедничките предизвици. Оваа соработка вклучува заедничка набавка и неограничен пристап до заштитна лична опрема, обезбедување и брз проток на основните производи преку зелените коридори што ги поврзуваат ЕУ и Западен Балкан, снабдување од страна на ЕУ со коронавирус тестови на Западен Балкан, како и тесна соработка со релевантни здравствени тела во земјите на ЕУ и на регионот.
Со декларацијата партнерите од ЕУ и од Западен Балкан се обврзуваат за безбедна, силна, стабилна и обединета Европа, обединета со историските, културни и географски врски и за заштита на взаемно прифатените политички, безбедносни и економски интереси.
ЕУ ја поздравува силната посветеност на земјите партнери од Западен Балкан за суштинската важност на демократијата и владеењето на правото, доброто управување, како и почитувањето на човековите права, родовата еднаквост и правата на малцинските заедници и особено борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Со декларацијата земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан прифаќаат да ја зајакнат соработката за справување со дезинформациите и другите хибридни закани, кои доаѓаат од трети страни кои сакаат да ја поткопаат европската перспектива на регионот.
Во декларацијата од Загреб 2020 ЕУ целосно ја поддржува определбата на земјите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи. Во таа насока добрата волја и опипливите резултати во спроведувањето и придржувањето до билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи на Северна Македонија со Бугарија, се оценува како важно и се истакнува дека изнаоѓањето и спроведувањето на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија треба да се бара во согласност со меѓународното право.
Декларацијата констатира дека тесната соработка на земјите од Западен Балкан во рамките на постојните регионални структури ја покажа својата вредност и во соочувањето со кризата КОВИД-19, и во таа насока ЕУ ќе продолжи да ја поддржува ваквата инклузивна регионална соработка и ги повикува лидерите на Западен Балкан целосно да го искористат потенцијалот за соработка за да го олеснат економското закрепнување по кризата.
Во точката 11 од декларацијата се нагласува дека откако ќе се постигнат проектираните резултати за запирање на пандемијата од КОВИД-19, ќе следи нова фаза на тесна соработка за справување со социо-економски последици од кризата. За таа цел Европската Комисија подготвува масивен економски и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да ги зајакне економиите на земјите од регионот, да ја подобри нивната конкурентност и да го поттикне квалитетното поврзување на регионот со ЕУ.
ЕУ и земјите од Западен Балкан со декларацијата се согласуваат да ја унапредат взаемната соработка за основните безбедносни прашања на систематски начин и на оперативно ниво, на прашања како што се спречувањето и борбата против тероризмот и екстремизмот, вклучително и финансирањето, радикализацијата и враќањето на странските терористички борци.
Во декларацијата од Загреб 2020 партнерите на ЕУ и Западен Балкан ги ставаат во врвот на приоритетите борбата против корупцијата и организираниот криминал како неопходност за политичката и социо-економската трансформација на регионот.
Декларацијата определува дека земјите од Западен Балкан, во соработка со ЕУ, и едни со други, ќе продолжат да преземаат решителни активности против трговија со луѓе, против трговијата со дрога, како и против недозволената трговија со оружје, вклучително и миграциските предизвици, и шверцот со мигранти.
Во заедничката декларација од Самитот на ЕУ за Западен Балкан Загреб 2020, се потенцира и важноста на заедничките политики за енергетската безбедност со приоритет на обновливите извори на енергија.
Со цел понатамошно промовирање на заедничките интереси, лидерите на ЕУ во декларацијата ја изразуваат подготвеноста да го зајакнат политичкиот дијалог на редовно и на највисоко ниво, меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.