Don't Miss
Home / Вести / Демократскиот сојуз: Фонд за критички медиуми и истражувачко новинарство

Демократскиот сојуз: Фонд за критички медиуми и истражувачко новинарство

Демократскиот сојуз им го честита на новинарите Меѓународниот ден на слободата на медиумите 3 мај и ги охрабрува да опстојат во борбата за вистината, независноста од политичките партии и моќници и професионалното и одговорно информирање.

Без слободни и високо професионaлни медиуми, нема дeмократија, одговорност и правда.

Состојбата со слободата на медиумите во Македонија и покрај малото поместување напред на листата на Репортери без граници, се уште е незадоволителна. Здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата дополнително ја влоши економската и финансиската положба на медиумите, па и покрај помошта од Владата за покривање на минималната плата на новинарите, медиумите се ранливи и повеќе подложни на политичко влијание и притисоци, а критичките новинари се и натаму жртви на политички дискредитации и закани со физички напади.

Демократскиот сојуз ја поддржува Владата што побрзо да ги подготви законските измени според кои физички напад на новинар ќе се смета за напад врз службено лице, а досегашните случаи ќе бидат процесуирани и виновниците соодветно казнети.

Демократскиот сојуз инсистира Владата да го прифати нашиот предлог за воведување посебен Фонд за финансиска поддршка на критичките медиуми и истражувачкото новинарство, како и за проекти за борба против лажните вести со средства од буџетот во износ од најмалку 2 милиони евра, при што парите ќе се делат транспарентно од страна на независно тело составено од професионалци, новинари, претставници на новинарските здруженија и синдикати.

Демократскиот сојуз нагласува дека слободата на медиумите е клучна за развојот на демократијата и одговорноста и отчетноста на власта, а таа е невозможна без финансиски независни и професионални медиуми и новинари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*