Денес, на 13 август стартува новото првенство во Првата фудбалска лига. Љубителите на фудбалот во Битола и соседниот град Прилеп не можеа да замислат поубав старт на првенството отколку неделниот.
На стадионот во Прилеп се игра Пелагониското дерби помеѓу Победа и Пелистер.
Пред “вечното дерби “ фудбалерите на Пелистер во неделата на стадионот под Тумбе Кафе ја имаа генералната проба со екипата на Динамо од Врање (2:0)
Ако се суди по резултатот од овој контролен натпревар во кој Пелистер славеше победа од 2:0, тогаш тренерот Срѓан Захариевски може да биде задоволен од тоа како “ пелистерци” се подготвени за стартот во новото првенство.
-Тоа што го зацртавме го реализиравме. Во Банско имавме извонредни услови за подготовки. Во Банско одигравме два контролни натпревари со екипите на Неасалаиа од Кипар, во кој загубивме од 1:0 и втората Кипарска екипа Анорторис со кој играше нерешено 0:0.
Иако во средбата со Неасалаиа загубивме со 1:0 без лажна претенциозност можам да речам дека да остваревме победа дури од 5:0 немаше да биде незаслужено, бидејќи во целост ја надигравме кипараската екипа, вели помошникот на Захариевски, Спасе Ристевски.
За време на подготовките во Банско тренерот Срѓан Захариевски, кој во минут до 12 ја презеде екипата, имаше можност да се запознае со квалитетот на играчите. Пелистер во новото првенство ќе настапува речиси со истиот тим, со кој играше во минатото првенство.
-За нас голем хендикеп ќе преставува тоа што по се изгледа дека повредата на Бојовиќ е многу посериозна од тоа што ние мислевме и мислам дека сезоната за него е завршена. Тоа ќе преставува голем хендикеп за нас. Но што е тука, тука е. Захариевски очигледно на него нема да може да смета, вели Ристевски.
Инаку иако Победа игра на свој терен и преставува фаворит за Пелагониското дерби, сепак во Пелистер не размислуваат во Прилеп да патуваваат со бело знаме. Напротив Пелистер ќе игра отворено и на победа.
-Од секогаш дерби натпреварите помеѓу Пелистер и Победа биле резултатски неизвесни. Така ќе биде и овој пат. Победа е фаворит само на хартија. Но и ние не сме без шанси. Во Прилеп нема да бидеме ни осамени. Очекувам голема поддршка од нашите верни симпатизери кои во голем број ќе го исполнат стадионот Гоце Делчев, вели Ристевски.