Don't Miss
Home / Uncategorized / Домакинското работење ја наполна општинската каса

Домакинското работење ја наполна општинската каса

              

          Во пресрет на 4 Ноември, денот на ослободувањтео на Битола, Битолски весник го реалзира традиционалнаото (прêт)празнично интервју со градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска, која и покрај огромната анфажираност околу подготовките з апразникот сепак најде време да даде интервју за нашите читатели.

Битолски  весник: Почитувана градоначалничкеСо какви резултати го дочекувате овој 4 Ноември?

          М-р Наташа Петровска: Овој 4ти Ноември го дочекувам на половина од мојот мандат. Започнав со општина која беше крајно финансиски нестабилна, задолжена, со преземени обврски многу над реалните финансиски можности. Сега после две години, Битола е општина која финансиски е во исклучително добра кондиција. Редовно и во рок си ги исплака своите обврски. Со крајно домакинско работење, од сопствениот буџет, но и со помош на централната власт, успеавме да разрешиме одредени финансиски проблеми за кои се сметаше дека се безизлезни. Ќе споменам само еден пример. Ако претходната  локална самоуправа не можеше да издејствува ни денар од централната власт како поддршка за финансискиот колапс на училиштата до кој ги имаше доведено, оваа локална самоуправа не само што ја подобри нивната финансиска состојба, туку и успеа да ги растерети за 113 милиони денари, или  за повеќе од 1,8 милиони евра долг кон општината. Градинките се реновираат, добиваат повторно лик каков што им доликува, а се работи на нова детска градинка.

По две годишен мандат успеавме да создадеме сосема поинаква инфраструктурна слика во Касарната. Со вложени над 1,7 милиони евра во комплексот АРМ се создаваат услови за жителите кои купуваат станови во овој дел, а кои речиси до вчера газеа во кал, иако скапо ги платија своите станови. Претходната локална власт ги собра парите од продажба на земјиштето  и од комуналии, но ни денар не вложи за инфраструктура во АРМ.

Двете години од мандатот ги дочекувам со обезбедена пречистителна станица,која е во тек на изградба во Подпелистерието и изграден колекторски систем од околу 500.000 евра. За две години мандат може да сме задоволни што Битола има изграден полигон чија финансиска конструкција е 180.000 евра, со вложени над 1,2 милиони евра во стадионот, со изградени улици од половина милион евра. Посебно сум задоволна што за две години успеавме заедно со вработените и со помош на Владата, да ја започнеме реконструкцијата на Офицерски дом. Не можам, а да не споменам дека во овие две години се вложени над 370 000 евра за влезот во Битола. Селото Лавци и жителите на Лавчански пат имаат приклучоци на водоводната мрежа, мешовита канализација и нов коловоз. Извршени се низа поплочувања по тесни битолски сокаци, во кои со години наназад битолчани газеа кал.

Во моментов се работи на склучените договори во 5 образовни институции, а само како пример ќе ја наведам спортската сала во ОУ „Д-р Трифун Пановски”, оставена на немилост, во речиси очајни услови.

Проблемот со кој се соочив на почетокот од мандатот- недостаток на готови проекти за реализација, го надминавме за овие две години. Завршени се проектите за Рузвелтова и училишниот двор во ОУ „Св. Кирил и Методиј”. Во завршна фаза е проектот за санирање на улицата Димитар Илиевски Мурато (поранешна Борис Кидрич). Во овој период, по изборот на проектанти, се работи на проектирање за санирање на низа улици, меѓу кои “Струшка”,”Цане Василев”,”Ари Ангелевски” и други. Се работи на проекти за патишта и улици кои се од значење  за руралните средини. После долги години, оваа локална самоуправа успеа да излобира кај централната власт и Агенцијата за државни патишта санирање на патните мрежи кон Бистрица до Драгош, кон Братиндол, кон Новаци, а сега се изведува и реконструкција на патот кон Могила. Успеавме по повеќе децении да обезбедиме нова опрема за пожарникарите, а во исчекување сме на целосно ново противпожарно возило, кое до крајот на годината треба да биде испорачано. Исто така, тече постапка за набавка на автобуси и комбиња за општината по еколошки стандарди. Јавните претпријатија по долги години набавија механизација. За затворените врати на киното Манаки најдено е решение преку обезбедување средства за ентериер и кино техника. Обезбедени се средства за Спортската сала од 310 000 евра.

Има уште многу работи да се кажуваат, но да оставиме времето да ги кажува и потврдува.

          Битолски весник: Овој месец се навршија две години откако станавте градоначалник на Битола. Сега по две изминати години кажете ни  дали сте задоволни од тоа што го постигнавте.

Мр Наташа Петровска :Да, задоволна сум од постигнатото и покрај сите околности со кои се соочивме.

Битолски весник: Доколку сте задолни од кои активности и реалзирани проекти сте задоволни?

Мр Наташа Петровска: Претходно веќе дадов одговор на ова прашање, овде само би додала, деновиве е  избран изведувач за целосна реконструкција на коловозот на улицата Илинденска, чија должина е над 2 км,  а за Партизанска од  Веро до Методија Андонов Ченто е потпишан договор со изведувачот. Во моментов Битола учествува во 5 прекугранични проекти од ИПА програмата со Грција или Албанија, чија вредност е над 5 милиони евра.

Битолски весник: Од што не сте задоволни?

Мр Наташа Петровска: Да бидам искрена, досега упорноста со која се залагав за одредени законски промени вродила со плод. Но, не сум задоволна што сеуште не успеав во намерата и покрај мојата упорност, да биде променет Законот за старо градско јадро, што ја заробува Битола како ниеден друг град, во однос на било каква интервенција.

 Се надевам дека за време на мојот мандат, ќе успеам и во оваа намера.

Битолски весник: Што е тоа што Ве исполни од извршувањето на градоначалничката функија?

          Мр Наташа Петровска: Она што ме исполни, а воедно претставува и мој предизвик, е барањето решенија за промена на состојбите кои ги затекнав во општината.

          Да речеме, пример, да се изнајде решение за долговите, да се изберат соодветни сообракајни решенија за дел од улиците во градот итн.

          Битолски весник: Што е тоа што ве разочара?

          Мр Наташа Петровска: Разочарана сум во тесноградоста на некои луѓе. Да кажувате дека за Офицерски дом се пишувало со ЌЕ, а тогаш кога ќе се гради да спомнете дека не треба да се гради, кажувајќи дека леб им треба на луѓето….Да барате повеќе садови за ѓубре,а потоа кога ке се критикува како сепак не се фрла соодветно да кажете дека ѓубрето е најмал проблем…Да критикувате дека се градел стадионот со образложение  дека за него требало јака спортска екипа, без да водите сметка дека неговото не градење би било со финансиски последици за општината поради претходно потпишан договор и уште многу такви слични ситуации кои покажуваат дека се зборува тесногледо од лични интереси, без коегзистентност во ставовите е повеќе од лицемерие, хипокризија што не ме загризува сама по себе, туку ме загрижува како сериозна општествена зараза за декадентност.     Она што недостига е добрина во човечките срца. Премногу инфицираност на нечовечност и злоба.

          Битолски весник:Дали можевте да направите повеќе?

          Мр Наташа Петровска: Секогаш во животот сум се стремела кон следниот чекор, тоа само по себе секогаш ме водело кон ПОВЕКЕ, но таа амбиција не е секогаш поврзана со можноста.

Битолски весник: Во  дел од битолската јавност постои мислење дека Вие како градоначалник сте многу внимателна во реализацијата на крупните  инфраструктурни проекти?

Мр Наташа Петровска: По карактер сум внимателна, дали е добро или не, ке покаже времето. Но сакам целата јавност да знае дека јас продадов парцела откако изградив инфраструктура (она што е нормално во земјите на кои им завидуваме за организираноста), наместо како што претходно само се продавало и не се исполнувала обврската за инфаструктурата, заради што општината како тужена исплаќа низа средства (за стари наследени „гревови”). Јас не се фалам со популистички сминки и после се што преживеав, да, се гордеам и покрај сета опасност да бидам нарцисоидно сфатена. Се гордеам со тоа што после трновитоста, успеав да стигнам до договори за проекти како на пример за Офицерски и Илинденска, која не е улица од стотина метри туку нешто многу повеке. Да, внимателна сум и непопустлива во давање решенија за градежни зафати кои не се легални (за што на некои по дефиниција им станувате посакуван плен) , внимателна како би овозможила во општината да влезат повеќе пари наместо да завршуваат во нечии приватни џебови, а тоа воопшто не е лесно. Цената за тоа е да бидете постојано на политички нишан.  Но некои, кои претходно биле невнимателни, довеле до ситуација да изградат улица како „Големо Езеро”, која е класична диво изведена во однос на приклучувањето на главната сообракајница.

 Нивната невнимателност била изразена до апсурдност и нелегалност, така што од една страна на улица продавале парцела со ветување за булеварско решение, а истовремено од друга страна легализирале објекти кои можеле да ги легализираат само доколку од постоечката планска документација се откажувате, т.е. се откажувате од булеварското решение. За таквата невнимателност и нелогичност општината сега исто така плака пенали,кои при поинакво однесување можеле да се користат за дополнителни вложувања во интерес на граѓаните.

Битолски весник:Почитувана градоначалничке. Се наоѓате на половина од својот мандатДо крајот на мандатот на  кои проекти ќе бидете насочени?

Мр Наташа Петровска: Ќе бидам насочена кон оние проекти што ги ветив во програмата, бидејќи тие се мојата база со која ги освоив гласовите на битолчани. Некои од нив веќе го гледаат светлото на денот, некои се во зачеток што до крајот на мандатот треба да се исполнат.

Битолски весник: Дали до крајот на мандатот ќе испиете чај во планинарскиот дом Копанки?

Мр Наташа Петровска: Копанки е нешто што им припаѓа на битолчани и нема по ниту еден основ да дозволам незаконитоста што била направена да помине.  Без разлика на политичката цена, нема да попуштам. Не поради хир, каприц, туку затоа што градењето на одговорност и култура во оваа држава треба да создаде наше нормално однесување. Никој, ама баш никој не може да го става како заложник народот за лични интереси. И да, во таа желба да успеам во тоа, верувам дека ќе пијам чај на Копанки, ама во Копанки на битолчани.

Битолски весник: Како ќе се реши спорот со ПСК Пелистер?

          Мр Наташа Петровска: И тука сум на сличен став – ќе се реши во интерес на битолчани.

Битолски весник: Кога станува за збор за вашите предизборни ветувања, дали можете да кажете дека до крајот на мандатот ќе го реновирате Офицерскиот дом?

Мр Наташа Петровска: Да. Офицерски дом што во некое друго време се продаваше, во мојот мандат ќе биде направен. И знам со кои содржини ќе донесе дополнителен бенефит за градот Битола. 

Битолски весник: Како ја оценувате соработката со Советот на општината?

Мр Наташа Петровска: Советот ја има својата улога во сето ова што е постигнато. Никогаш немаше да бидат овозможени низата достигнувања без поддршката што Советот ја дал.

 Се надевам дека дигнитетот на Советот ќе биде сочуван и дека некои советници ќе ја задржат критичноста, но при тоа ќе ја изразуваат политичката култура како што доликува. Матафорички кажано, да се пее убаво не значи да се дере.

Битолски весник: Вашето мислење за однесувањето на опозицијата во работата на Советот.

Мр Наташа Петровска: Не би говорела за опозицијата интегрирано, бидејки за различни советници имам различни мислења.

Васка М. Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*