Ротари клубот “Битола” во соработка со компанијата “Хемометал “ сопственост на ротаријанецот Мирко Велковски, на библиотеката “АЛ БИ“ во с.Бабино му подари моторна тревокосачка со корпа, со цел одржување и разубавување на прекрасниот простор од околу 3.500м2 во кој се чувствува духот на минатото, трајните вредности, но во кој се гледаат и потенцијалите за развој на иднината.
Донацијата беше врачена од дел од членовите на клубот, а од страна на домаќинот гостите беа почастени со традицонални пијалоци и храна од Бабино. При посетата беа вкусени и млечните производи на “ Вемилк “ Битола.
При посетата на Библиотеката, членовите на Ротари клубот кои со оваа институција имаат долготрајна соработка го искажаа своето задоволство од значењето на вредностите кои се чуваат таму, а дадоа и признание на истрајноста и ентузијазмот на г.Стево Степановски.
На средбата беше ветено дека и во иднина во рамките на својата програма и активности Ротари клубот “ Битола “ ќе продолжи да ја помага библиотеката, а беше упатен и повик до сите љубители на убавиот збор да го посетат ова прекрасно катче со традиционален изглед во кое има и етно соба и огромен фонд на ретки и уникатни книги, со кои се зачувува духовното и историското значење на нашиот народ и култура.
Од клубот, изјавија дека на овој начин ротари клубот “ Битола “ помага кон зачувување на општите вредности и афирмација на позитивните активности на поединци и групи и ветија дека во иднина ќе продолжат со својата мисија.