Оваа фудбалска сезона сите погледи беа насочени кон првиот тим на Пелистер, кој оваа сезона стартуваше со нов спонзор, со нов тренер, со голем број на засилувања и нови амбиции.
Но, иако заслужуваа внимание сепак, младинските школи на Пелистер не го добија потребното внимание.
Координатор на младинските школи на Пелистер е Науме Љамчевски, кој и за време на неговото водење на првиот тим ја извршуваше таа функција.
-Во право сте кога велите дека младинските школи не го добија просторот во јавноста кој го заслужуваат, но мора да си признаеме дека во изминатата сезона и ние не бевме на ниво кое треба да го има фудбалската школа на Пелистер. Но, оваа година полека се средуваат работите и се гледа напредок во сите категории. Кога ги споменувам категориите, сакам да кажам дека генерациите млади фудбалери родени 2000 – 2001 година, и помлади ќе бидат новата гордост на Пелистер, вели Љамчевски, кој за младинската екипа на Пелистер вели:
-Младинската екипа на Пелистер минатата година, како рефлексија на се она што се случуваше во клубот имаше стагнација. Имавме послаби резултати од очекуваните. Но, сега полека се средуваат работите и се доаѓа на свое место. Сега сме на делба на петтото место, што се надевам дека на пролет ќе го подобриме. Мене посебно ме радува тоа што на тренерот на Пелистер, Шансои, му предложив тројца млади фудбалери за прекоманда во првиот тим. Очекувам тројцата да бидат детално “снимени“ од тренерот и да се приклучат на првиот тим, но останува конечната одлука да биде негова.
За сегашната поставеност на школата во која се вклучени осум тренери.
-Осум тренери работат со 220 млади фудбалери, а сето тоа се одвива под закрила на првиот тим, односно на спортскиот директор Блашко Кочовски. Кога на ова ќе ја додадеме и соработката на школата со општина Битола, мислам дека имаме добри услови за работа и напредок на сите тренери и фудбалери. Можам да кажам дека единствено чуствуваме проблем околу термините за тренинг на пластичната трева на Ќумурното игралиште. Што се однесува пак до резултатите генерацијата 2001 година е првопласирана оваа полусезона, а генерациите 2002, 2003 и 2004 се првопласирани во своите категории. Се надевам дека ако продолжиме со вакво темпо на работа и кревање на повисоко ниво на работа на школите ќе можеме да бидеме на реномето кое сите го посакуваме, и секако од нашата школа повторно да излегуваат фудбалери како Стојковски, Христов, Ивановки…, вели директорот на младинските школи, Тони Ристевски.
С.Р.