Don't Miss
Home / Колумни / Фантоми

Фантоми

Избирачкиот список повторно е актуелен во државата. Со распишувањето на референдумот, избирачкиот список повторно го сврте вниманието на македонската јавност.

Иако граѓаните сеуште имаат време да проверат дали ги има во избирачкиот список или не и дали некој им го зел нивното место,  а со тоа и нивното избирачко право, сепак веќе на големо може да се слушне дека Избирачкиот список,  кој пред минатогодишните предвремени парламентарни избори со месеци беше чистен, повторно е полн со фантомски гласачи.

Фантомски гласач од 2014-та година фигурира во Избирачкиот список кој како таков е регистриран во домот на семејството Бејкови и веќе 4 година се провлекува во списокот, објавија деновиве медиумите

Билјана Бејкова  објаснува дека за тоа ја информирала и ДИК, институциите,  организациите кои вршат мониторинг, но се уште ништо не се сменило. Дури вели почнала да и стига и сметка за радиодифузна такса на тоа име.

„Открив дека во суштина имам фантомски гласач кога беше прочистувањето на избирачкиот список, но моја претпоставка е дека тој гласач е внесен во избирачкиот список на адреса каде што јас живеам во 2014 година, за потребите на тие избори”  изјави Билјана Бејкова.

Тоа што посебно загрижува е што  како фантомскиот гласач кој и го зел местото на Бејкова во Избирачкиот список има уште многу.

Иако фамозниот избирачки список пред парламенатрните избори кои се случија минатата година беше чистен од разни експерти и за неговото чистење беа правени посебни софтвери, сепак како што стојат работите тој ниту бил, ниту е исчистен, за да можат гласачите да не се сомневаат во него.

Не само некои граѓани, туку и луѓето од ДИК  уверуваат дека во Избирачкиот список сеуште има доста фантомски гласачи.

Дали во нив се и “човечињата” од Пустец, кои сега веќе екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска наредени во строј ги носеше на бирачките места никој не знае.

Засега не се знаат ни фантомските гласачи кои новинарите на згасната А 1 телевизија ги пронајдуваа на нивните телефони и  на (не)пријавените адреси.

Тоа што повторно се појавија фантомски гласачи пред престојниот референдум е само последица на неажурноста на надлежните за чистење на Избирачкиот список.

Тоа што посебно загрижува е што надлежните институции и државни органи, кои во блиското минато, беа најгласни за прочистување на Избирачкиот список и кои постојано ја “бомбардираа” јавноста дека во него има многу “ мртви души” сега некако се обидуваат да ја (раз)убедат јавноста дека Избирачкиот список никогаш не може до крај да се исчисти и дека во него се секогаш можни вакви состојби да има “фантомски” гласачи.

Во ваква ситуација се поставува прашањето како истите тие органи ќе можат да им судат на обвинетите за неправилностите во претходните избори кои се најдоа во “ бомбите “

Само до пред нешто повеќе од една година  јавноста во Македонија постојано беше “бомбардирана” дека “режимот” на Груевски сите изминати 11 години се одржувал на власт, благодарение на нечистиот Избирачки список и на марифетлуците на “ вмроовците”кои ги правеа со “ мртвите души” како и ново запишаните гласачи кои од другите градови, или  соседни држави, доаѓаа во Скопје да гласаат каде што имаше потреба.

За да се надминат таквите состојби со Избирачкиот список беа ангажирани бројни експерти, како домашни така и странски, кои не убедуваа дека не само што до некаде го “ средиле” Избирачкиот список, туку дека тој е доволно исчистен за да може да ги задоволи и европските стандарди.

Сега, кога јавноста заборави на фантомските гласачи, или “човечињата” од Пустец, повторно на јавноста и се серивираат информации дека Избирачкиот список не  е чист и дека со тоа се доведува во прашање легитмноста на реферндумот.

На Македониа во септември и престои референдум за судбинско прашање, кој може да ја одреди натамошната судбина на државата и народот, кој живее во оваа држава.

На престојниот референдум народот, кој сеуште живее во Република Македонија и кој барем засега не размислува да и каже збогум како илјадниците млади луѓе кои си заминаа од државата, треба да се изјасни околу името на државата и евроатланските перспективи.

Околу ова прашање народот  е поделен до коска.

Во последно време не само што се пребројуваат гласовите во партиите, туку граѓаните и дома почнаа да се пребројуваат кој за што ќе гласа и дали ќе гласа.

Таквата поделеност веќе ја доведе јавноста да се сомнева во регуларноста на реферндумот.

Многумина се сомневаат дали  тој ќе биде легитимен и дали власта нема да се обиде истиот да го “штелова”.

Затоа чистиот избирачки список се неметнува како императив.

Никој нема право да ги доведе граѓаните да се сомневаат во неговата веродостојност.

Оттаму наделжните државни органи и административци, треба и мора да направат се во нареднииот период, Избирачкиот список да го исчистат од сите фантоми и “ мртви души”.

Но во тоа на надлежните треба и мора да им помогнат и самите граѓани кои наредните денови треба да ги искористат да проверат самите, лично дали се наоѓаат на Избирачкиот список, или пак на нивното место има други лица, кои би го (зло)употребиле нивното избирачко право.

Во ситуација кога надлежните  државни  органи самите досега не успеале да го исчистат Избирачкиот список во тоа треба да им помогнат граѓаните бидејќи токму тие се најзасегнати од престојниот референдум на кој се решава неговата судбина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*