Марјан Велевски, помошник на главниот уредник на Нова Македонија за јубилејот на Битолски весник пишува:
-Како лета времето. Како вчера да беше кога минатата година во Домот на културата ја проследивме богатата програма по повод јубилејниот, 55-ти роденден на „Битолски весник”.
И одеднаш, во ова време-невреме, во кое сите сме опседнати од коронавирусот, пристигна уште еден, нов роденден.
Навистина не е јубилеен, но роденден што мора да се одбележи. Пред се, како убав датум, кој не потсетува сите дека негуваме и поддржуваме една убава традиција, непрекинатото излегување на весникот на градот на конзулите.
Во ситуација кога буквално секојдневно во светот згаснуваат печатените изданија на весниците и се префрлаат на интернет, „Битолски весник “ опстојува, потврдувајки ја старата вистина дека секое правило има исклучок.
И за крај, иако не и најмалку важно, туку сосема спротивно. Најважно. И овој роденден е уште една силна потврда на храброста, решителноста, упорноста – со еден збор кажано – херојството на Менде Младеновски, човекот кој стамено застана и остана на чело на „Битолски весник” издржувајќи ги сите удари. Дури и кога некои од „големите” новинарски имиња на отворена сцена му предвидуваа дека Битолски весник не може да опстане и треба да се помири со таквата судбина.
Менде како да црпеше нова сила и опстана на својата замисла секоја среда да им го понуди на битолчани на читање.
Одиме натаму Менде. Одиме натаму „Битолски весник”. Среќен роденден!