Don't Miss
Home / Вести / Фестивал на музика од светот по 16. пат: Маноло, легендарниот глас на „Gipsy Kings“ доаѓа со својот бенд во Битола

Фестивал на музика од светот по 16. пат: Маноло, легендарниот глас на „Gipsy Kings“ доаѓа со својот бенд во Битола

Денес, во Центарот за култура во Битола, се одржа прес-конференција на која беше најавена програмата за 16. издание на Фестивалот на музика од светот.

Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски, ги сподели деталите за овој музички спектакл, кој ќе се одржи од 28 ноември до 1 декември и ќе донесе уникатни настапи кои ја слават различноста и богатството на музиката од целиот свет.

Овој фестивал е повеќе од музичка манифестација. Тој е место каде што културите се спојуваат и се создава заедничка хармонија. Годинашната програма е внимателно креирана за да понуди патување низ различни жанрови и традиции, пренесувајќи ги универзалните емоции преку звукот- изјави директорката Маја Андоновска Илијевски.

Првата вечер, на 28 ноември, е резервирана за „Волкот на љубовта,“ поетско-музички перформанс на Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски, кои ќе ги интерпретираат најубавите љубовни стихови од македонската современа сцена.

Втората вечер, на 29 ноември, на Големата сцена ќе настапи Камерниот оркестар со програмата „Етно симфонија,“ во која учествуваат Сузана Спасовска (вокал), Благојче Трајковски (кларинет) и Петар Горко (актер).

На 30 ноември, фестивалот го донесува Маноло Гименез, легендарниот глас на „Gipsy Kings“ кој со својот бенд ќе ги изведе најголемите хитови како „Bamboleo“ и „Volare“ заедно со свои авторски композиции.

Завршната вечер, на 1 декември, е резервирана за Балкан мјузик проџект, настап на Дувачки квинтет Македонија и Дувачки квинтет на Белградската филхармонија, кои ќе изведат дела инспирирани од балканската музичка традиција.

На прес-конференцијата, Андоновска Илијевски додаде:

Фестивалот на музика од светот не е само настан, тој е симбол на споделување и разбирање преку звукот. Ова е сцена на која секоја култура наоѓа место, а публиката добива можност да ја почувствува магијата на музичката различност.

Битола уште еднаш ќе биде домаќин на уникатна музичка приказна што ги зближува звуците и емоциите на светот.

Билети од идната недела ќе бидат достапни во Центарот за култура Битола.

На крајот од прес-конференцијата, директорката на Центарот за култура Битола Маја Андоновска Илијевски ги информираше новинарите за богатата програма што следува до крајот на годината, која вклучува книжевни промоции, филмски настани, балетски изведби и изложби, потврдувајќи дека Центарот за култура Битола останува епицентар на културниот живот во градот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*