Фудбалскиот клуб Пелистер Битола денес информираше дека по взаемен договор е раскината соработката со досегашниот предводник Влатко Костов.
„По долг заеднички и пријателски разговор, клупската управа на ФК Пелистер и шефот на Стручниот штаб Влатко Костов постигнаа спогодбен раскин на договорот. Клубот искрено му се заблагодарува на Костов за остварените цели и постигнатите резултати во овие една и пол година. Пелистер под негово водство се врати во Првата фудбалска лига и одигра достоинствен есенски дел од сезоната во елитната категорија. Со Влатко Костов, кој и дел од играчката кариера помина во Пелистер, останува спортски пријатели и му посакуваме многу успеси на приватен и професионален план.
ФК Пелистер е во преговори за нов шеф на Стручниот штаб и до почетокот на подготовките тој ќе биде претставен пред јавноста-стои во информацијата споделена на официјалната Фејсбук страница на Фудбалскиот клуб Пелистер Битола.