По повод Светскиот ден за заштита на животната средина сите вработени во АД ЕСМ, во сите подружници низ целата држава, учествуваа во големата еколошка акција за уредување, зазеленување и чистење на околината.
-Сите наши вработени ги чистат просторите и локациите околу нашите производствени капацитети, околу акумулациите, термоелектраните, а некои и урбаните средини каде што работат и функционираат. Светскиот ден за заштита на животната средина на Обединетите нации годинава е под мотото “Само една планета Земја” и тoа e порака до сите нас, не само како компании и фирми, туку и како луѓе, да ја чуваме нашата животна средина.
АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во нашата држава ја поддржува т.н. зелена транзиција и се стреми кон побрзо преминување кон производство на зелена енергија, односно производство на енергија од сонце, вода и ветер. Обврска на сите нас е да ја зачуваме животната средина денес, но исто така нашата планета да ја оставиме чиста и за нашите идни генерации”, порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ зедоа учество во еколошката акција во Подружницата РЕК Битола, каде вработените чистеа во кругот на комбинатот. Вработените во Дирекцијата на АД ЕСМ во Скопје го разубавија просторот пред зградата на компанијата во Скопје и во Паркот Жена борец. Вработените во ХЕС Црн Дрим чистеа околу дирекцијата во Струга и по крајбрежјето на Дебарското езеро, во близина на хидроцентралите Шпилје и Глобочица. Вработените во ХЕС Тиквеш чистеа долж патот од село Возарци до ХЕС Тиквеш, а во РЕК Осломеј се чистеше во кругот на термоелектраната. Во ХЕС Маврово се чистеше во и околу дирекцијата во Гостивар и на браната Маврово. Вработените во ХЕС Треска го собираа сметот околу видиковецот на ХЕ Козјак, а просторот се уредуваше и во подружницата Енергетика.