ТОНИ КОЊАНОВСКИ: ПОВИК ЗА РАЗУМ, ПОВИК ДА СЕ ОСТАВАТ СИТНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ИНТЕРЕСИ И КАЛКУЛАЦИИ ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ НА БИТОЛА. ДА НЕ СЕ СТОПИРААТ ПРОЕКТИТЕ ОД СТРАНА НА СОВЕТОТ.
Почитувани советници, почитувани граѓани,
Повторно имаме нова, но, веќе видена, состојба на надмудрување во Советот на Општина Битола, повторно влегуваме во вртлогот на приказната за политика, а добиваме наше битолско одбивање на средства од Европската Унија.
Советот на Битола донесе одлука да одбие надворешни средства за инфраструктурни проекти, за што јас изразувам јавно и силно разочарување.
Во оваа приказна никој нема да е победник, ниту Советот, ниту партиите и независните групи кои не ги поддржаа проектите, ниту Градоначалникот, ниту администрацијата на Општината, а губитници сигурно ќе бидат граѓаните на Битола.
Постојано во овие изминати три и пол години, заедно со општинската администрација, работиме транспарентно и отчетно и тоа како информации редовно го доставуваме до советниците и до граѓаните.
И покрај тоа, опструкциите за искористување на средства продолжуваат, а таа штета е далекусежна. Овој пат, зборуваме за водоводни и канализациони системи, кои се неопходни за нормално функционирање на жителите на Општината.
На последната седница на Советот на Општина Битола предложивме точка со која побаравме одобрување од Советот за 7 проекти, финансирани од Европската инвестициона банка, кои треба да започнат да се реализират и да донесат благодет и подобри услови за жителите на Битола.
Тоа се следните проекти:
1.Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на ул. Гаврило Принцип
2.Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на ул. Паца Ванчова
3.Реконструкција на водоводна мрежа и канализација на ул. Влатко Миленковски
4.Реконструкција на водовод и канализација на ул. 7-ма Бригада
- Реконструкција на водоводна мрежа и коловоз на дел од Булевар 1-ви Мај
- Изградба на водноснабдителен систем за с. Лисолај, ІІ фаза
- Изградба на фекална канализација во с. Трново, ІІ фаза
Овие проекти, не ја добија поддршката во Советот на Општина Битола од советниците на политичките партии СДСМ, Поинаку и Левица, за што сум длабоко лично разочаран.
Разбирам да не ме поддржуваат мене и мојата работа, да бидат политички агресивни и тактични за нивите цели, но, не разбирам да се стопираат проекти кои би се финансирале со средства од страна.
Ова постапка е веќе еднаш видено во општинскиот Совет, за одбивање на средства од Европската Унија. Не е добро ова однесување. Сите губиме на овој начин.
Повторно, јавно упатувам апел до советниците:
Почитувани членови на Советот, почитувана Претседателка на Советот и советниците од наведените политички парии и групи, ве молам надминете го притисокот на изборите кои доаѓаат, дадете поддршка за овие проекти, резултатите ќе бидат за граѓаните, а благодарноста ќе биде кон сите.
Немојте да трчате за дневни политички надмудрувања и ситни удари на сметка на граѓаните.
Мене напаѓајте ме,удирајте ме, тоа и ви е работа, тоа и го правите постојано, но немојте да им наштетите на граѓаните со стопирање на овие проекти.
Многупати во мојот мандат сум упатил апел да надвладее разумот, во насока на подобрата иднина на граѓаните на Битола.
Уште еднаш, апелирам, во духот на мојата транспарентност, сите заедно да работиме за напредок на градот и подобро заедничко утре на битолчани.