Иако храната е есенцијална за луѓето и воопшто сите живи суштества да се одржуваат во живот, таа исто така, на другата страна од медалот, има име – „тивок убиец“. Особено ако се консумираат „прехранбени продукти“ што не се безбедни, сигурни, проверени…
Подготвувајќи се да пишувам на оваа тема се потсетив на еден трагичен случај што се случи неодамна во Битола, кога почина едно младо момче од компликациите што му ги направи болеста предизвикана од некаква бактерија внесена преку храната. Иако на почетокот и родителите и лекарите сметаа дека сѐ ќе помине како обично труење од храна, од кое лесно ќе се излекува, сепак случајот заврши трагично. Болеста за кусо време му го разори организмот и лекарите не можеа да направат ништо. А сѐ почна толку наивно, дека ништо не му е и дека се работи за обично труење од храна.
Иако најчесто болестите од храната не се многу опасни и се со полесна клиничка слика, сепак болестите од консумирана храна, контаминирана со бактерии, вируси, паразити или хемикалии, можат да предизвикаат тешки здравствени последици, па дури и смрт. Затоа водењето грижа за квалитетот на храната не е обврска само на тие што ја приготвуваат или консумираат, туку треба и мора да биде постојана грижа и за производителите, преработувачите, на оние што ја дистрибуираат и складираат, бидејќи микробите може да се пренесат на разни начини. Стручњаците постојано укажуваат дека безбедноста на храната се потпира на заедничките напори на сите вклучени во синџирот на снабдување со храна. Од производителите до трговците и угостителските компании, (пре)продавачите…
Се проценува дека околу еден милион луѓе во развиените земји годишно доживуваат болест пренесена од храна. Колку изнесува кај нас таа бројка засега нема точна евиденција. Но сигурно не е мала. Небезбедната храна претставувала здравствен проблем за луѓето уште од времињата кога историјата за првпат се запишувала, така што многу проблеми околу безбедноста на храната што се присутни денес не се нови.
Иако владите низ целиот свет прават максимум што можат да ја подобрат безбедноста при снабдувањето со храна, појавата на алиментарни заболувања останува значаен здравствен проблем и кај развиените земји и кај земјите во развој. Не постои единствена доследна или прифатена дефиниција за концептот на безбедност на храната. Дури и меѓу професионалците за безбедност на храната и ракувачи со храната, безбедноста на храната се користи со различно значење.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е единствена надлежна специјализирана државна институција што се грижи за безбедноста и квалитетот на храната што граѓаните на Македонија ја консумираат.
Првиот човек на АХВ, Николче Бабовски, тврди дека во Македонија јадеме главно безбедна храна. Ништо, вели, не се остава на случајност. Пазарот се следи постојано и се реагира во согласност со меѓународните стандарди.
Според Бабовски, секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на „небезбеден“ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето.
Контроли се вршат во сите фази на производството, почнувајќи од преработката, дистрибуцијата и продажбата, како и при увозот. Секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на „небезбеден“ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето. Ваквата храна од страна на самите оператори, но и по налог и надзор на инспекциските служби, се повлекува од пазарот и најчесто се уништува, вели Бабовски.
Инаку, според податоците на АХВ, во 2023 година во Македонија се извршени вкупно 56.951 инспекциски надзор и се изречени 5.642 мерки, 11 кривични и 59 прекршочни пријави. Уништени се 147.415 килограми храна.
Овој месец биле повлечени од продажба чипс од Косово и органско какао од Холандија. Како што објави агенцијата на 14 февруари, какаото не било пуштено во продажба, ниту дистрибуирано до крајните потрошувачи, но во него било утврдено количество кадмиум над дозволеното, додека чипсот бил достапен на пазарот и во него било детектирано присуство на акриламид.
Овие бројки покажуваат дека Агенцијата за храна ревносно си ја извршувала работата. Но наедно податоците укажуваат дека огромни количества храна со сомнителен квалитет се нашле низ пазарите во Македонија и доколку не биле контролите тие во најголем дел ќе завршеле на домашните трпези.
Во светот, безбедноста на храната се гледа како научна дисциплина во која се вклучени сознанија од различни академски области, како што се хемија, микробиологија и инженерство.
Кај нас постојат различни регулаторни принципи и надзорни тела за дефинирање и имплементација на стандардите за безбедност на храната. Но мораме да признаеме дека во трката за брза заработувачка и во настојувањето да се отвори „бизнис“ што носи брза заработувачка, голем број новопечени „бизнисмени“ работат со храна без воопшто да ги почитуваат потребните услови. Затоа, покрај почитувањето на законската регулатива се наметнува потребата да проработат и свеста и совеста кај сите што се вклучени во синџирот, од производство до дистрибуција на храната.
Нова Македонија 28.02.2024