Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска ќе ја изведе претставата „Беспомошни суштества“, базирана на драмите на Антон Павлович Чехов, драматизирана од големиот американски драматург Нил Симон, а во режија на Силвио Стилиновиќ.
“Има само една алка во трите драми со еден чин: човекот. Човек во ситуација на живот, животна ситуација поставена од човек. Сатирично исмејување, колку и да звучи парадоксално, на односите меѓу луѓето. Карикатура на животот во средината.
Се чини дека секоја реченица на Чехов е напишана за денешните ситуации што луѓето ги создаваат за себе.
Претставата треба да се разбере како комедија. Чехов напиша „комедија“ за секое негово дело. Така е и ова. Гувернерот, Предлогот и Удавените се делови од оваа претстава во која секој ќе најде дел за смеење, а дел за размислување„, велат од Сатиричниот театар.Во претставата играат: Тања Медиќ Савиќ, Аленка Владисављевиќ, Силвио Стилиновиќ, Зрино Гусак, Матеј Сафундџиќ( како гостин од професионалниот театар Славонски Бродвеј), Морено Мијатовиќ, Антонио Јуричиќ.
Режисер е Силвио Стлиновиќ, асистент на режија Саша Кариќ, костимографија Таја Балаш.
Претставата во Битола ќе биде и премиера на„Беспомошни суштества“, како дел од 15 -та сезона на Сатиричниот младински театар од Славонски Брод.
Инаку, овој театар постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме.
Гостувањето на сатиричниот театар од Хрватска е во организација на МХД Хрватски културен центар Марко Марулиќ, Битола, во соработка со Општина Битола и Центар за култура, а по повод одбележувањето на Денот на Хрватскиот парламент.
Претставата ќе се одигра на сцената во Центарот за култура на 9-ти октомври.