Don't Miss
Home / Вести / Инспекторите имаат целосна поддршка од Владата

Инспекторите имаат целосна поддршка од Владата



Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работна средба со дел од инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ). Од страна на ДЗСИ, беа презентирани податоците за спроведените надзори во изминатиот месец во надлежност на овој инспекторат, откако се стапени на сила измените на Законот за заштита на населението од заразни болести. Вицепремиерот Николовски посочи дека овој инспекторат има значаен придонес во спречувањето на ширењето на вирусот КОВИД-19, преку надзорите што ги спроведува во рамки на своите надлежности.  

 „Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол  и мерка, што ги преземаме за спречување на ширење на коронавирусот. Повеќе од било кога е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања. Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, на здравствените лица, полицијата, армијата и сите други чинители што се вклучени во битката со овој вирус“, изјави вицепремиерот Николовски.

Притоа, Николовски посочи дека Информацијата за кадровската екипираност во инспекторатите, е веќе влезена во владина процедура и онаму каде што има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, изјави дека инспекторите изминатите девет месеци се секојдневно на терен со вршење на вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, училишта, детски градинки, козметички салони, старечки домови…

„Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, нашиот инспекторат издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот КОВИД-19 и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе мониторираат било какво отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, почитувајќи ги протоколите прво се заштитуваме себе си, но и овозможуваме на здравствениот систем да истрае“, изјави Сотирова-Бухова.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги спроведува надзорите во здравствените установи, градинките, училиштата, старечките домови, од аспект на почитување на здравствените протоколи, управување со медицински отпад, санитарно-хигиенски услови во сите установи што ги контролира ДЗСИ, заштитна опрема во установите и друго.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*