Во Битола и натаму централна тема на чаршиските и секојдневните кафе муабети на Широк Сокак е кој е човекот кој ја потпали влезната врата на културниот центар “ Ванчо Михајлов “ во строгиот центар на градот.
Три дена по немилиот настан, кој не само од страна на властите на Бугарија и Македонија беше осуден и оценет како вандалски чин, кој имаше за цел да ги влоши и така затегнатите односи меѓу Бугарија и Македонија, туку беше осуден од целокупната битолска јавност, сеуште не е откриен човекот кој го предизвикал пожарот.
Во СВР Битола и натаму владее целосен молк.
И покрај сите наши настојувања да дознаеме нешто повеќе до каде е истрагата за Н.Н. лицето кое го предизвикало пожарот, сепак не успеавме да дознаеме ништо повеќе од она што е вообичаено во вакви ситуации, дека интензивно се трага по сторителот.
-Засега нема никакви информации кои би ги споделиле со јавноста. Единствено што можам во овој момент да кажам е дека СВР Битола интензивно работи на расфетлување на случајот и доколку има нови моменти јавноста ќе биде информирана, ни изјави портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова.
Инаку според информации на Нова Македонија во изминатите денови на информативен разговор се повикани повеќе лица, кои на било кој начин би можеле да помогнат во расфетлување на случајот.
На разговор биле повикани повеќе битолчани да помогнат во истрагата.
Засега владее молк и за шпекулациите дека човекот кој го преидзвикал пожарот наводно се повредил и дека сигурно барал лекарска интервенција.
Од битолската Клиничка болница не сакаат да даваат никакви информации.
Нема нови детали ни од Против поажарната единица во Битола која интервенираше во гаснењето на пожарот.
Како и да е. Битолчани инсистираат на брза и ефикасна истрага.
Но битолската јавност реагира и на молкот на македонските власти и истражните органи кои не излегуваат во јавноста со никакви детали за подметнатиот пожар, а за тоа време некои високи бугарски политичари информираат во детали за тоа кој бил “ пироманот “ кој го запалил културниот центар и дека човекот до Центарот дошол на велосипед и со покриен лик.
За битолчани неприфатливо е истрагата да ја водат бугарските власти, а нашите истражни органи да статираат и молчат за деталите.
Инаку да потсетиме засега сеуште непознат сторител, во саботата на 4 јуни, во раните утрински часови го запали културниот центар на Бугарија “Ванчо Михајлов “
Ваквиот вандалски чин се случи токму во периодот кога Македонските и Бугарските власти ги интезивираа преговорите за надминување на спорот и одблокирање на преговорите.