Don't Miss
Home / Uncategorized / Избори со опасни поделби и пораки

Избори со опасни поделби и пораки

                            

          До предвремените парламентарни избори остануваат уште само седум дена. Среда, на 15 јули, за прв пат во македонската повеќе партиска историја изборите ќе се одржат во работен ден, кој со Уредба на  Владата е прогласен за неработен.

          На седум дена пред изборите се добива впечаток дека политичките лидери и партии  кажаа се што имаа(т) да кажат.

          Во најголем дел тие ги испорачаја и сите свои пораки до гласачите.

          Како што се и очекуваше  двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ испукаа и добар дел од своите (не)експлодирани “бомби”.

          Иако пред почетокот на изборите политичките партии потпишаа Кодекс на однесување во текот на изборната кампања, сепак  досегашната кампања покажа дека  кодексот како и порано бил само формалност пред граѓаните и меѓународните фактори, кој и тие кои го потпишаа знаеја дека нема да го почитуваат.

          Партиите и нивните лидери уште на самиот почеток од кампањата почнаа и продолжија со меѓусебни обвинувања.

          Наместо политичките лидери да се погрижат да ги запознаат граѓаните со своите  реални политички програми и платформи, тие на митинзите и скапо платените политички  кампањи го користеа секој момент да го оцрнат и деградираат својот политички противник.

          Во досегшниот дел од кампањата не изостанаа ни заканите со апсења и притворања по изборите за наводниот сторен криминал.

          Фрчат и кривични пријави за сторени наводно  старо-нови кривични дела.Платената политичка кампња на телевизиите е посебна приказна. Скапо платените  (не)партиски режисери и продуценти во настојувањето да се оцрни политичкиот противник ги избираат најцрните моменти од политичките случувања на политичките противници.

           Се добива впечаток дека на овие избори политичите партии се определија не да го го придобијат гласот на народот,туку како да  ги разубедат граѓаните да не гласаат за другите.

          Посебна приказна во досегашниот тек на кампањата се политичките претставници на Албанците.

           На овие избори  лидерот на ДУИ, Али Ахмети за прв пат ја промовира идејата Албанец( Насер Зибери) да биде премиер на Македонија.

          Иако таквата идеја на Ахмети идниот премир на Македонија да се избира не на избори туку по етничка основа, иако не наиде на поддршка кај речиси сите македонски политички партии не го поколебаа Ахмети да се откаже од таквата идеја. Напротив тој продолжи истата да ја застапува уште посилно. Притоа тој во разубедувањето на македонските  гласачи се обиде да го прикаже Гоце Делчев како Албанофил, кој кога им се обраќал на Албанците носел кече?!

           Иако идејата на Ахмети за Албанец да биде премиер на Македонија е мошне опасна, сепак деновиве бевме сведоци на  нова уште поопасна и пошокантна изјава на лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села од Коалицијата “ Сега е време “ на централниот митинг во Струга изјави дека доколку Заев и Мицкоски со “позајмување “пратеници  формираат влада  без Албанци, Албанците ќе формираат  влада составена  само од Албанци, без  Македонци.

          Ваквите пораки на Села се исто така опасни како на Ахмети.    

          Како и пред секои парламентарни избори, така и пред  претстојните, Албанците постојано излегуваат со радикални и опасни  барања по етничка основа.

          Тие иако во многу наврати тврдат дека Македонија ја чувствуваат како своја земја и држава, сепак најголемиот број  од барањата ги истакнуваат  по етничка основа.

           Како етничкиот фактор треба да биде главен аргумент за остварувањата на нивните права.

          Во изминатите години од својата независност Македонија  која е на прагот да ги почне  преговорите за членство во ЕУ во голем број наврати правела  бројни грешки во (не)решавањето на проблемите со Албанците. Но кусогледоста на такавата политика Македонија доста скапо ја плати, па во 2001 година на државата дури му се случи војна  во која паднаа голем број жртви на двете страни.

          Со Охридскиот договор и измените на Уставот,  добар дел од тие нерешени прашања се решија. Македонскиот народ се надмина себеси и не само што презеде низа мерки за решавање на  барањата на Албанците, туку направи и низа остапки кои не се својствени и за најдемократските земји со мешано етничко население, за подобрување статусот на Албанците.

            Во Македонија Албанците во најголем дел ги решија своите барања. Во секоја влада досега Албанците биле соодветно застапени со по неколку министри. Во името на Талат Џафери го имаа и својот прв претседател на Парламентот.

          Но постојаното инсистирање на нови остапки по етничка основа навистина делува фрустирачки кај мнозинскиот македонски народ.

          Ако Ахмети  и Села Македонија  ја гледаат како европска земја, за каква  вербално се залагаат треба малку да ретерираат во своите барања за кадровски владини решенија исклучиво  по етничка основа.

          Таквите барања водат кон нови поделби и фрустрации, кои можат да имаат несогледливи  последици по државата.

           Лично немам ништо против Македонија да има премиер Албанец. Доколку тој е докажан, умерен и признат  политичар од сите народи кои  живеат во  Македонија,  стручњак, филантроп, на кој етничката припадност нема да му биде главниот критериум  за избор. Но избор на Албанец  за премиер по етничка припадност,  за каков што ултимативно се залага Ахмети  е невозможен.

          Оттаму за овие избори сите политички лидери треба да се откажат од таквата  радикална реторика на  старо нови поделби по етничка основа, зашто таквите политики можат да ја вратат Македонија многу години назад.

          И уште нешто. Ахмети треба да знае дека Владата и мандатарот која тој ја  раководи се формира  исклучиво доколку има поддршка од пратениицте во Парламентот.

          А во Собранието за изборот на влада не гласаат само пратениците на ДУИ или другите албански пратеници, туку и останатите пратеници кои ја добиле довербата на изборите, а меѓу нив има и Македонци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи… за кои гласале илјадници гласачи кои им довериле довербата за да ги застапуваат нивните барања и ставови во законодавниот дом.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*