Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани на површина ја извади целата нефункционалност на институциите години наназад.
На денешната прес-конференција републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со јавноста споделија повеќе детали за проширувањето на истрагата за пожарот, со која се опфатени уште 19 лица.
Коцевски појасни дека за обвинителскиот тим предмет на анализа е и таканаречениот кумулативен ефект на пропуштањата.
„Ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти, тие се дел од поширока причинска врска. Ова значи дека: Дури и ако едно индивидуално пропуштање не е директна причина за штетата, нивниот збирен ефект може да биде критичен. Континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна или етичка одговорност, нагласи Коцевски.
Тој поединечно, по институции чии вработени или раководни лица се опфатени со истрагата, појасни за сомнежите кои ги имаат. Конкретно за Дирекцијата за заштита и спасување, Коцевски истакна дека обезбедените доказите упатуваат дека суштинските пропусти при проучување на одговорност и можна инволвираност на лица од оваа институција се токму кај раководната структура на самата институција.
Појасни дека ова се однесува и од оперативно технички и превентивен карактер за она што имале должност да го превземат и да воспостават систем на ефективна контрола и надзор, а е нарушено во секоја смила.
„Проценка на ризик како основа за планирање на инспекциски надзор, невистинити планови кои немаат корелација со извештаите за надзор, а во склоп на самата трагедија за дискотеката која постоела и функционирала 13 години. Општина Кочани била оставена без воопштво да овластат инспектор за заштита и спасување, дотолку повеќе што угостителската дејност дискотеки и кабареа, никогаш не била предмет на контрола и надзор како во Кочани така и во цела држава и граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти. Ова едноставно нешто, човек не може да верува, но така е, нагласи Коцевски.