Don't Miss
Home / Вести / Ковачевски: ЕСМ целосно ќе ги задоволи потребите на ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕПСО во грејната сезона

Ковачевски: ЕСМ целосно ќе ги задоволи потребите на ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕПСО во грејната сезона

Нашите капацитети се во фаза на подготовка за да имаме сигурно производство на електрична енергија од термоелектраните во текот на грејната сезона, хидропотенцијалот е на 55 проценти од капацитетот или 70 до 80 проценти од просекот во изминатите 10 години и се користи само за одржување на сигурен и стабилен систем во делот на системските и балансните услуги, а во функција го ставаме и ТЕЦ „Неготино“, кој со одлука на Влада веќе е доделен на ЕСМ и како акционерско друштво се припојува кон АД ЕСМ, потврди генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој смета дека целосно ќе ги задоволат потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, потребите за загубите во системот за електродистрибуција и потребите на МЕПСО и порачува дека сите неопходни набави се направени навремено и по поволни цени. За набавка на досега испорачаниот мазут, потврдува, се потрошени околу 25 милиони евра, а за јагленот околу 30 милиони евра.

За грејната сезона, како што изјави Ковачевски, ЕСМ ќе набави околу 1,5 милиони тони јаглен од увоз, во фаза на испорака се 30 илјади тони мазут од пристаништето во Солун за потребите на ТЕЦ „Неготино“, има договор за набавка на вкупно 120 илјади тони мазут кои се обезбедени, а се планира во август да се објави повик за набавка на уште 200 илјади тони мазут за периодот од декември до април. Сега, потенцира тој, пристигнуваат количества јаглен од набавките кои се извршени во март, април и мај за кои се склучени договор, а дополнително ќе се набават нови количества што ќе се испорачуваат од ноември до април. Просечната цена за набавениот јаглен е од 55 до 62 евра по тон, а на берзата во моментов чини од 90 до 120 евра за тон.

– Имаме доволно количини и одговорно може да тврдам дека како држава во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. За набавка на мазут имаме склучено договор уште во март за 140 илјади тони. Од нив досега се испорачани околу 35 илјади тони, а во наредните три месеци треба да се испорачаат уште 105 илјади тони. АД ЕСМ досега стопроцентно ги задоволува потребите за електрична енергија на регулираниот пазар и немаше потреба од набавка на струја од увоз. Доколку во текот на зимата има недостиг на енергија тогаш ќе увеземе, но тоа ќе бидат многу мали количини. Согласно планот за производство се предвидува до април стопроцентно да ги испорачаме сите потреби за енергија за ЕВН Хоум, Електродистрибуција и за МЕПСО – изјави Ковачевски по денешната работна средба во Стопанската комора со Македонската енергетска асоцијација.

Тој нагласи дека РЕК „Битола“ во моментов работи со двата блока – блок 1 и блок 2, а за блок 3 веќе е склучен договор за набавка на нов трансформатор и водено се поправа и стариот. Се очекува во октомври и третиот блок на РЕК „Битола“ да биде ставен во функција.

– Со почетокот на грејната сезона РЕК „Битола“ ќе биде стопроцентно во функција и ќе произведува електрична енергија максимално со трите блокови. РЕК „Осломеј“ во моментов е во застој и се работи на ремонтните активности. Во рок од 60 дена ќе се подготви за функционирање во наредната грејна сезона и се очекува во текот на септември да биде ставен во функција. За двата капацитети работиме на зголемен ископ на сопствен јаглен и во Битола и во Осломеј, паралелно на тоа се извршени набавки и се склучени договори за испорака на јаглен од Грција и Албанија. Се прават напори за набавка на дополнителни количини на јаглен од Косово – рече Ковачевски.

Паралелно, додаде тој, компанијата се подготвува да менаџира со топлинската енергија во Град Скопје.

– АД ЕСМ со одлука на Влада и со задолжение на УО веќе формира три нови компании за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија и очекуваме за 15 дена да бидат подготвени за да аплицираат на јавниот повик и да ги добиеме лиценците и во текот на наредната грејна сезона успешно да се справуваме и со испорачување на топлинска енергија за потрошувачите во Градот Скопје – посочи Ковачевски.

За тоа, како што рече, ќе треба да извршат закуп на капацитетите на топланите „Исток“ и „Запад“ заедно со топланата во „Гази Баба“ со која и во моментов управува ЕСМ. Покрај тоа ќе треба да се вклучи во работа и ТЕ-ТО во делот на топлинската енергија која ја произведува когенеративната електрана за да има стабилен конзум на испорака на топлинска енергија.

– Во моментов се работи на формирање на трите друштва за производство, дистрибуција и снабдување со топлинка енергија. За почеток во нив ќе ангажираме наши вработени во делот на менаџментот и управувањето, а потоа согласно потребите ќе преземеме дел од вработените од БЕГ затоа што се искусни и имаат стекната работно искуство и оперативност во делот на одржувањето на мрежите и на производството. Доколку има потреба, а мислам дека нема да има, за дел согласно Законот за работни области ќе бидат објавени огласи за вработување. Јас сметам дека ќе работиме со далеку помал капацитет на вработени отколку што претходно работеше БЕГ – потенцира Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*