Don't Miss
Home / Колумни / Лет во место

Лет во место

                               

        Откако не успеа  да ги почне преговорите за влез во ЕУ, кога со Европската унија “раководеше “ Хрватска, па подоцна Германија, Македонија не успеа да ги почне преговорите ни за време на мандатот на Португалија.

        Околу одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел, не постојат ни теоретски шанси.  

         Македонија повторно извиси и остана во чекалната на Брисел  да чека нови шест месеци, кога со ЕУ ќе претседава Словенија.

        Нашиот источен сосед, кој најчесто ни се обраќа со “браќа “ повторно  стави вето  и не дозволи Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.

        Тоа што со децении ни го правеше Грција, сега почна да ни го прави  Бугарија  да го блокира патот на Македонија  за членство во ЕУ.

        Поучена од “политиките “ на Грција, Бугарија уште на стартот ги блокира евроинтеграциите на Македонија со барања кои во овој момент не може да ги прифати ни секогаш подготвениот за компромиси премиер Зоран Заев.

        Наместо со нон-пејпер Бугарија овој пат излезе со конкретни барања кои доколку не се прифатат од наша страна, тие немаат намера да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.

        И овој пат како и претходно се покажа дека Бугарија уво не ја боли за молбите и барањата, па дури ни за ултиматумите  на некои европски земји, да не ја блокира Македонија на стартот на преговорите.

        Залудни беа надежите на нашите политичари дека Бугарија ќе попушти под  притисоците на нашите  западни поддржувачи и дека по “Патоказот “  на  Португалија, заедничкиот лет на претседателите Пендаровски и Радев за Рим на 24 мај,  или посетата на премиерот Зоран Заев на Софија  и средбата со  шефот на привремената влада, како и “братот” Бојко Борисов. 

        Се  потврди тоа што сите го знаеја дека како и Грција, така и Бугарија нема да ја испушти шансата која и се укажа да ги оствари своите вековни соништа и конечно Македонија да ја прикаже во Европа и светот  како своја Бугарска рожба.

        Состојбата во која сега  се наоѓа Македонија ме потсетува на насловот од филмот на Унковски, сниман по текстот на Горан Стефановски , “ Лет во место”.

        Иако последните  години, Македонија откако  пред 16 години го доби датумот за преговори за влез во ЕУ на патот кон Брисел  буквално е во ситуација на “ Лет во место” сепак се ми се чини дека по  бројните блокади и непринципиелни условувања Македнија почна да боледува од хронична колективна депресија од која тешко ќе се из(в)лечиме.

        Обичните граѓани кои размислуваат со своја глава веќе отворено се прашуваат  уште колку и какви жртви треба да направи  Македонија  за да добие датум за почеток на преговорите.

        Ако смената на уставното име не беше доволен влог за почеток на преговорите, тогаш од што се ќе треба да се откажи државата кога ќе треба да влезе во ЕУ.      На какви се услови ќе бидеме подложни при самиот влез во ЕУ не можам ни да замислам.

        Како и во сите изминати 30 години тоа  што го правеше Грција, така сега и Бугарија почна да го (зло)употребува правото на вето.Едноумната политика која ја практикува “демократска “ Европа се покажа како погубна за Македонија.Земјите од Европа, кои  плурализмот и демократијата на овие простори ги донесоа со крвав расплет на Југославија и илјадници изгубени животи  сега не убедуваат дека доколку сакаме да се зачлениме во Европа мораме да ги исполниме барањата на нашите соседи, без притоа да се види дали тие се реални и основани.

За изминатите три децении ние повозрасните видовме и научивме како функционира Брисел.

        Земјите од ЕУ, кои на цел свет им продаваат плурализам и демократија, кога е во прашање зачленувањето на Македонија во европското семејство одлуките ги донесуваат со консензус и едногласно.

        Тоа што ме боли и иритира е што  нашите политичари во сите овие децении од осамостојувањето  не изградија единство кога е во прашање интеграцијата на Македонија во ЕУ и што (не)успехот на македонските евронтеграции го сметаат за  чисто партиско прашање, кое го решаваат како на кванташки пазар,со купи – продај политики.

        Па така сега Заев тврди дека ние сме жртва на блокадите на Бугарија, како што тоа го правеше Груевски кој зборуваше дека на патот за ЕУ  Македонија е жртва на блокадите на Грција.

        Сега Заев како Груевски пред тоа, бара разбирање од опозицијата за неподносливите условувања пред кои е исправена власта.

        Затоа, сега по последната шлаканица од Софија, ми се чини дека  е крајно време македонските политичари да изградат консензус и заеднички став околу идните политики кои ќе ги спроведува било која влада кога е во прашање интеграцијата на Македонија во ЕУ.

        Во спротивно  како што тоа ни се случи да се откажеме од многу македонски симболи и уставното име ќе мораме да се откажеме и од народот  без да знаеме дали ќе  влеземе во ЕУ.

        А без народ не знам кому би му било од корист да не примат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*