„Црвено-жолтите“ во целост ја оправда фаворитската улога и со по два гола во првото и второто полувреме, сосема заслужено ги освоија трите бода. Во листата на стрелците се запишаа: Висар Муслиу, Александар Трајковски, Енис Барди и Аријан Адеми.
Токму Адеми кој се врати на фудбалските терени по пауза од две години колку што му изнесуваше суспензијата поради позитивен допинг тест по натпревар во Лигата на шампионите со неговиот клуб Динамо Загреб, со прекрасен гол ја оправда довербата од селекторот.
За Македонија ова беше прв триумф по осум натпревари на домашен терен и три години без полн погодок.
И покрај вечерашната победа Македонија квалификациите ги завршува на 5.место во Г-групата, но за разлика од претходните циклуси, сега со многу позитивни впечатоци и надеж дека оваа генерација во следните квалификации има квалитет и знаење за многу подобар пласман.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на десетте средби остварија три победи, два натпревара одиграа нерешено, а од петте порази три можеа да се избегнат со малку повеќе среќа.
На другите две средби од последното коло во оваа група минимални победи за гостите:
Италија – Албанија 0:1 и
Израел – Шпанија 0:1.
Табела: Шпанија 28 бода, Италија 23, Албанија 13, Израел 12, Македонија 11, Лихтенштајн 0. Шпанија избори пласман на Мундијалот, Италија ќе игра во баражот.