Денеска во Европската куќа во зградата на Европската делегација во Скопје, беа доделени наградите за најдобри новинарски стории и фотографија на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, што ги доделува Советот за етика во медиумите на Македонија.

Нашата животна средина е загрозена-од човекот и од глобалните климатски промени. Во услови на опасно загадување на воздухот, водата и почвата, потиснувањето важни информации и ширењето дезинформации, преку медиумите и преку социјалните мрежи, претставува дополнителен ризик за јавното здравје, за кондицијата на природата и за демократскиот развој на заедницата.

Токму поради ова, Советот за етика во медиумите и оваа година повикот за годишни награди го фокусираше на тема поврзана со човековата околина, со цел да поттикне поголема застапеност на стории за животната средина во медиумите и да промовира повисока свесност за потребата од навремено, точно и етичко известување за овие прашања. СЕММ, во соработка со УНЕСКО, наградите ги доделува во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, кој меѓудругото служи како потсетник за владите во светот за почитување на нивните заложби за слобода на изразување, но и ден за навраќање на медиумските професионалци за многу прашања околу слободата на медиумите и новинарската етика.

Прва награда е видео сторијата со наслов „Аерозагадувањето во Македонија одзема 5000 животи годишно, како да сме во војна”, од авторките: Сунчица Николоска (МРТ), Мирјана Мирчевска Јовановиќ (Канал 5) и Пелагија Младеновска (ИРЛ) објавен на платформата Дома.еду.мк, при Институтот за комуникациски студии (ИКС) .
Втората награда ја освои новинарката Дивна Грданова Караџовска, за видео сторијата на ТВ ТЕРА од Битола со наслов: Како да се спаси моликата на Пелистер?
Додека наградата за најдобра фотографија, што СЕММ оваа година прв пат ја воведе, годинава на тема „Факти и дезинформации за климатските промени” , жирито одлучи да му припадне на фоторепортерот Борис Грданоски за фотографиите со наслов „Смог”, „Најтопла година” и „Бегство”.
Пофалници за Катерина Топалова (МРТ) и за Орце Костов (Фокус) за серија текстови.