Don't Miss
Home / Колумни / (НЕ)ЗАВИСНОСТ

(НЕ)ЗАВИСНОСТ

Деновиве кога се наоѓаме пред ново одбележување на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, искрено да кажам, како никогаш досега сум посакувал што почесто да го слушам зборот независност.
Не знам што чувствувале идејните македонски творци на проектот за независна и самостојна Република Македонија, но овие денови јас навистина знам како се чувствувам кога ќе го изустам тој збор независност!
Најблаго речено, на секој таков збор чувствувам блаженство во душата, спокој и горделивост. Некоја исполнетост, каква што порано никогаш не сум ја чувствувал.
И навистина, да се биде независен и самостоен е идеал на секој човек, кој сака да биде свој и ничиј друг и сам да си ја крои својата судбина.

По 55 години заеднички живот со другите “братски“ народи во братската заедница на Југославија, на 8 септември 1991 година,Македонија се стекна со својата независност.
Оттогаш Македонија, како и сите останати “братски“ републики, самата си ја крои својата судбина и иднина. Иако “југоносталгичарите“ се уште плачат за пропаста на заедничката држава, сепак, веќе 23. година, Република Македонија самата си ја крои својата судбина.
Денес, кога изминаа 23 години од независноста на државата, веќе не може Белград да ни биде виновен за сите наши промашувања. Сега нашата судбина се решава во Скопје. Сега, наместо Белград, Скопје е градот во кој се решава за сите наши маки, страдања, идеали, паѓања или воздигнувања.
И токму тоа, во последно време најмногу ми смета, што за се, па и за најмала ситница, треба да се праша Скопје. Имам впечаток дека во Битола не може апсолутно ништо да се реши без притоа ако не се добие амин од Скопје.

Дали ваквата состојба е алиби за нашата поданичка политика, или во прашање е централизираноста на владеењето не ми е јасно. Но, едно знам, дека полека, но сигурно, Битола ја (из)губи својата “независност“ и станува град, за чија судбина најчесто и во најголем број случаи одлучуваат други. А искуството ме учи, дека кога еднаш ќе ја изгубиш својата независност, таа тешко се враќа. Имам впечаток дека состојбите дојдоа дотаму што нас во Битола и за Битола веќе никој за ништо не не прашува.
Со такви чувства на изгубена независност деновиве го дочекувам(е) 8 Септември, Денот на независноста. Во оваа прилика немам намера да делам лекции како Битола треба да си ја врати својата независност.

Но, во оваа прилика, пред овој 8 Септември, сакам да порачам дека и Битолски весник, по 50 години опстојување, од овој број ја почнува својата битка за независност.
Иако и во изминатиот период од 50 години, Битолски весник секогаш се трудел и настојувал да биде независен весник, кој исклучиво ќе зависи од судот на јавноста и на читателите,сепак тој во многу прилики и моменти никако не можел да се ослободи од својата зависност на тие кои во името на народот одлучуваат за народот и сите нас, обичните смртници. Во изминатите 5 децении многумина се обиделе Битолски весник или да го замолчат или да го направат нивни.
Такви притисоци отсекогаш имало, а убеден сум дека и ќе има. Но, како човек кој преку 34 години е вработен во Битолски весник и 20 години е на чело на Весникот, морам да кажам дека грижата за опстојувањето на Битолски весник била каде-каде поголема.
Сега, кога многумина се крстат во т.н. општествена (не)одговорност, некои поединци, најчесто своите “штедливи политики“ ги почнуваат со Битолски весник. Иако ќе звучи цинично и иронично, сепак вистината е таа. На некои на времето мошне моќни јавни претпријатија веќе им стана товар да купуваат дури и 3 броја на Битолски весник неделно.
Деновиве и други познати битолски компании се пожалија дека мораат да го намалат бројот на претплатата на весниците кои ги примаа, затоа што се наоѓале во исклучително тешка материјална состојба.
И навистина ако тие компании дошле во ситуација да мораат да штедат на претплатата на Битолски весник и да не можат да купуваат и три весници, навистина тие се во тешка ситуација, многу потешка од нашата. Јас би рекол дури и безнадежна и ним треба и мора да им се помогне.

Затоа токму пред овој 8 Септември, Битолски весник со цел да ја зачува или да се избори за својата независност се обраќа до тие на кои најмногу им верува и кои најдобро ќе ја сфатат оваа порака, читателите. Би-толски весник од овој број почнува голема кампања за претплата на 5.000 претплатници. Со обезбедување на 5.000 претплати Битолски весник ќе биде во најголем дел независен и нема да зависи од никого, а најмалку од тие кои иако работат со милиони, немаат пари да купат макар 3 броја. Во овој случај Битолски весник ќе зависи само од читателите за кои и цели 50 години постои.
Време е како и Република Македонија и Битолски весник, по 50 години битисување да се избори за својата независност. Патот нема да биде ни лесен ни едноставен. Но ние во Битолски весник сме навикнале да го одиме тој пат. Овој пат очекуваме на тој пат да ни се придужат и нашите верни читатели. Таа не е само наша, туку е заедничка битка, затоа што и Битолски весник е наша заедничка рожба.

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*