ГП Пелистер продолжува да склучува милионски договори за ископ на јаглен со АД ЕЛЕМ во четири очи.Договорот меѓу АД ЕЛЕМ и битолски Пелистер за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола во износ од скоро 5,8 милиони евра е најголемиот најголемиот договор за јавна набавка во минатата 2016 година, склучен во постапка за преговарање без претходно објавување на оглас.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, договорниот орган го оправдува склучувањето на овој договор „од причини од крајна итност, предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, па не можел да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка”.
Во најголемите договори во 4 очи има уште два што ги склучила државната компанија за производство на електрична енергија поврзани со ископ и транспорт на јаглен од рудниците во рамки на РЕК Битола, но овојпат со Марковски Компани за набавка на механизација, при што едниот е во износ од околу 1.150.000 евра, додека вториот е во износ од над 600.000 евра.
Во таква постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, АД ЕЛЕМ и Марковски компанија склучиле договор за користење и ангажирање на помошна и градежна механизација за потребите на РЕК Битола во 2012 и во 2013 година, во износ од 7,5, односно 14.5 милиони евра.