Донација на книги во чест на археологот д-р Томе Јанакиевски
Деновиве НУУБ „Св. Климент Охридски“ -Битола доби вредна донација на книги од домашната библиотека на истакнатиот археолог и научен советник д-р Томе Јанакиевски (1938–2004).
Донацијата ја оствари неговиот внук, Томислав Јанакиевски, кој во знак на сеќавање и почит кон делото на својот дедо, ни ги довери овие значајни дела.
По тој повод, директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска Давкова, му врачи благодарница за подарените книги. Д-р Томе Јанакиевски остави длабок белег во македонската археологија.
Дипломирал археологија во Загреб, магистрирал музеологија и докторирал на тема за античките театри во Македонија.
Работел и раководел во Народниот музеј во Битола, учествувал на бројни ископувања, а неговите трудови се значаен придонес кон научната мисла во нашата држава.
Делата кои ни се донирани ќе бидат достапни за читателите и истражувачите, како дел од нашето трајно културно и научно наследство.
Ви благодариме за оваа несебична донација што ќе ја збогати нашата библиотека и ќе ја продолжи мисијата на д-р Томе Јанакиевски-да се истражува, зачува и пренесе културното богатство на идните генерации.