Don't Miss
Home / Вести / Обесштетувањето на граѓани каснати од кучиња ја празни општинската каса

Обесштетувањето на граѓани каснати од кучиња ја празни општинската каса

И покрај тоа што сегашната локална самоуправа проблемот со бездомните кучиња го имаше најавено пред граѓаните како приоритетен сепак, тој сè уште не е решен. Овој проблем веќе станува алармантен, кој мошне скапо ја чини локалната самоуправа и кој буквално постојано ја празни општинската каса.

Тоа го покажуваат податоците дека само лани од буџетот на Општината Битола биле исплатени над 7 милиони денари по тужби на граѓани кои биле нападнати од бездомни кучиња, со што сумите за оштета секоја година се, се поголеми.

Инаку, во 2022 година од буџетот на Општината Битола биле исплатени 2,885,115 денари или 47.296 евра по тужби на битолчани.

Сè уште бездомните кучиња ги има низ најамбиенталната улица „Широк сокак“, Градскиот парк, и по битолските улици.

Загрижува фактот што Битола стана собиралиште на бездомни кучиња не само од градот, туку и од околните села. Забележано е дека некои несовесни жители од соседните битолски села во раните утрински часови, а особено во пазарните денови, со трактори и други превозни возила „истоваруваат“ кучиња од соседните села во Битола.

Од Секторот за внатрешни работи Битола за „Битолски весник“ информираат дека од почетокот на 2024 година до денес, во полицијата 36 граѓани поднесле пријави дека се каснати од бездомни кучиња.

Деновиве, во билтенот на Битолската полиција стои дека на 19.02.2024 во СВР Битола, З.С.(52) од с.Живојно, битолско, пријавил дека на ул.„Широк Сокак“ во Битола неговиот малолетен син било каснат од куче скитник.

Истиот ден Д.С.(49) од с.Буково, битолско, во полицијата пријавила дека на ул.„Широк Сокак“ во Битола нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

На фотографијата е Прифатилиштето за бездомни кучиња

Од Битолската локална самоуправа информираат дека прифатилиштето за бездомни кучиња се подготвува да започне со работа, во завршна фаза е неговата адаптација, а во меѓувреме заловувањето се врши согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.

Општина Битола активно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња, согласно Законот за заштита и благосостојба на животните. Во моментот, во завршна фаза е адаптацијата на соодветните услови во прифатилиштето, согласно добиените насоки после извршената проверка од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а до завршувањето на оваа постапка на терен работи економскиот оператор ДПТУ „Проветалек“ ДООЕЛ кој врши заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на Општина Битола. Согласно склучениот договор со општината, од ноември до денес заловени се 25 кучиња од кои едно е вдомено, едно е евтанизирано, а 23 се вратени на локацијата на заловување-информираат од Општината Битола.

Оттаму додаваат дека економскиот оператор во извршувањето на дејноста постапува согласно важечките правилници и заловувањето се врши во периоди во кои временските услови се соодветни за реализација на активностите во Градскиот парк, централното градско подрачје, основните и средните училишта или кај други институции по налог на Општината Битола.

-Со ваквиот начин на работа постапуваме согласно законската регулатива во решавањето на проблемот со бездомните кучиња, додека одредени објави кои се појавија деновиве, а во кои се наведува за појава на наводно исчезнување на уличните кучиња, претставуваат дезинформации. Општина Битола, при спроведување на сите постапки води посебна грижа за заштита на граѓаните, но, и на бездомните кучиња-стои во информацијата на Битолската локална самоуправа.

За потсетување, Општината Битола ангажираше и меѓународен експерт за решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Брајан Фолкнер, претставник на Кралското здружение на Велика Британија, за спречување на суровост врз животните, беше ангажиран како експерт за решавање на проблемот со бездомните кучиња и тој во неколку наврати беше во работна посета на Битола.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*