Обилните врнежи од дожд и снег во битолскиот регион негативно се одразија врз работата во рудниците на РЕК “Битола“, а со тоа и врз целиот Комбинат.
Врнежите од над 100 литри на метар квадратен и надојдената вода, предизвикаа застој во подготовките за поместување на траките кои го пренесуваат јагленот од рудникот “Суводол“ до Термоелектраната, поради што од утрото во прекин е работата на Блок 2. Производството на електрична енергија продолжува од Блок 3, и покрај сериозните предизвици со кои се соочува Комбинатот.
АД ЕСМ во моментов ги задоволува потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК “Битола“, РЕК “Осломеј“, од хидроелектраните и од ветерниот парк.
Компанијата испорачува електрична енергија кон универзалниот снабдувач “ЕВН Хоум“ согласно потребите и преземените обврски, поради што граѓаните немаат причина да стравуваат за редовното снабдување со струја. Набавка на електрична енергија во моментов нема и не се планира.
АД ЕСМ и Подружница РЕК “Битола“ во духот на транспарентноста која ја практикуваат изминатите три години, известија за сериозноста на состојбите предизвикани од елементарната непогода во Рудниците “Суводол“ и Брод – Гнеотино во РЕК “Битола“ минатата година. Исто како тогаш, така и сега, со сопствени, натчовечки напори на сите вработени и на менаџерскиот тим на компанијата и на Комбинатот, се работи деноноќно на нормализирање на состојбата.
Во услови кога Косово, делови од Србија, Романија се соочуваат со прекини во снабдувањето со електрична енергија предизвикани од временските неприлики, македонскиот електроенергетски систем е стабилен.
Ги повикуваме сите чинители, а особено политичките партии во земјава, да не создаваат страв и паника меѓу граѓаните.
Актуелните раководства на АД ЕСМ и на РЕК “Битола“ секојдневно решаваат проблеми што, за жал, и ден денес имаат длабоки корени во времето кога лектроенергетскиот гигант беше раководен од структури кои пристапуваа несериозно и неодговорно кон електроенергетскиот систем.
АД ЕСМ, како и претходно, така и сега се справува и со последните предизвици, и го одржува електроенергетскиот систем на државата стабилен, се вели во соопштението на АД ЕСМ.