Според Правилникот за задолжителна опрема на возилата донесен од Министерството за внатрешни работи во 2010 година, од оваа сабота, па во наредните четири месеци, секое возило мора на себе да има зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од четири милиметри.
Ако возилото има погон на сите четири тркала, тогаш зимските пневматици треба да имаат длабочина на шарите од 6 мм. Вакви пневматици, но само за погонските тркала, треба да имаат и возилата со најголема дозволена маса, која надминува 3.500 кг, а плус тоа треба да носат и лопата. Наместо зимски пневматици, овој правилник дозволува употреба и на пневматици со летен профил на сите тркала и длабочина на профилот од 4 мм доколку во возилото (без разлика на неговата категорија) се носат и синџири за снег или други соодветни помагала за погонските тркала.
Битно е да се знае дека како зимски пневматици се сметаат оние што на својата бочна страна имаат ознака МС, М+С, М&С и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, а пневматиците со клинци (спајкови) не се дозволени за употреба.
Зимската опрема е задолжителна за моторните возила и работните машини на пат надвор од населено место, а нејзиното немање ќе ве чини 15 евра во денарска противвредност, но и можност да бидете исклучени од сообраќајот. Но внимавајте – ова се одредбите од сега важечкиот закон за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Новиот што е во подготовка со себе ќе донесе и повисока глоба од 45 евра или 25 негативни бода. Со донесувањето на новиот закон, правилникот за задолжителна опрема на возилата нема да се менува, бидејќи е донесен врз основа за законот за возила.
Б.В.