Don't Miss
Home / Култура / Општината Битола го бојкотираше фестивалот “Браќа Манаки “

Општината Битола го бојкотираше фестивалот “Браќа Манаки “

По завршувањето на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, фестивалскиот тим информираше дека на годинашното издание на Фестивалот имаше голема посетеност на проекциите. Традиционално најмногу публика привлече свеченото отворање, годинава со краткиот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, лауреат на Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во македонската и светската филмска уметност, и филмот „Насоки“, бугарско-македонско-германска копродукција.

Рекордна посетеност, годинава, имаа и проекциите на филмовите „Жаба“, „Од ништо“, „За тело и душа“, „Кога денот немаше име“, програмата на Кратки филмови, како и Студентската и МакПоинт-програмата.

„Помалку публика имавме на свеченоста на затворањето на “Браќа Манаки“, бидејќи иако Фестивалот додели 250 влезници на Општина Битола, многу гости на кои Општината требаше да им ги даде влезниците – не дојдоа, а вљубениците во филмот од Битола не можеа да дојдат и да ги поздрават лауратите, меѓу кои и нашите Наум Доксевски, Дејан Димески и Милчо Манчевски кои добија награди“, велат од фестивалскиот тим.

Над 100 филмски наслови – долгометражни, кратки, играни, документарни, студентски, детски филмови беа прикажани во 10 фестивалски програми.

Се одржаа мастер класи на лауреатите на Златна Камера 300 за животно дело: Џузепе Ротуно и Пјер Лом, кој и покрај возраста беше гостин во Битола и говореше за важноста на работата на кинематограферите во филмската уметност.Најуспешниот македонски филмски режисер, Милчо Манчевски одржа мастер класа за работата со целокупната филмска екипа, од моментот на појавата на идејата и концептот за одредено филмско остварување, преку претпродукцискиот период, дефинирањето на сценариото, изборот на филмската екипа, снимањето на филмот до постпродукцијата и прикажувањето на филмот.Во рамки на програмата „Првите филмови први“, реализирана во соработка со Гете Институтот, мастер класа одржа светски познатиот кинематографер Кристијан Бергер.

Во соработка со програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, продуцентката Грациела Билдесхајм (Италија) имаше предавање посветено на младите продуценти и предизвиците со кои се соочуваат.И покрај тоа што редовните помагатели на Студентската програма годинава ја откажаа финансиската помош, Фестивалот свесен за важноста на оваа програма, сепак одлучи со свои средства да ја финансира програмата и таа сепак да се одржи. Публиката имаше можност да види проекции на студентски филмови од 14 академии во регионот, а по секој филм имаше исклучително плодни дискусии, кои ги модерираше Ѓорѓи Пулевски.

Годинава беше промовирана и монографијата „Манаки “ приказна низ слики за Јанаки и Манаки“, која ја приреди Роберт Јанкулоски.

На 38. ИФФК „Браќа Манаки“ беа доделени вкупно 9 награди: две награди Златна камера 300 за животно дело на Џузепе Ротуно и на Пјер Лом. Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на Милчо Манчевски. Наградата „Голема Ѕвезда на македонскиот филм“ на продуцентската куќа „Вардар филм“ за исклучителниот придонес за македонската кинематографија што ја доделува ДФРМ.

Според одлуките на интернационалното жири: Малата камера 300 му припадна на македонскиот кинематографер Наум Доксевски за краткиот филм во режија на Горан Столевски, „Види ја ти неа“. Специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“. Бронзената Камера 300 му припадна на македонскиот кинематографер Дејан Димески за филмот „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ. Сребрената Камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин. Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“.

Годинава, фестивалот одбележа и неколку јубилеи: 100 години од основањето на АРРИ, компанија од индустријата за подвижни слики формирана во Минхен во 1917 година, 90 години од раѓањето на Димитрие-Рули Османли, филмски, театарски и телевизиски режисер од Битола, 70 години од основањето на државна продуцентска куќа „Вардар филм“ и 35 години на ЕФА и 25 години од основањето на европската федерација на кинематографери – ИМАГО.Во фестивалскиот Прес-центар беше организирана изложба – омаж „Катче на Џузепе Ротуно“ со фото-галерија. А, во знак на другите јубилеи – 70 години од основањето на „Вардар филм“ и 65-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, во соработка со Кинотека на Македонија беа организирани изложби на фотографии и плакати.

Фестивалот траеше 8 дена, беа одржани вкупно 25 прес-конференции со учество на повеќе од 50 гости и организатори на фестивалот. На фестивалот се акредитираа 120 домашни новинари, сниматели и фоторепортери, а оваа година имаше и рекорден број на акредитирани странски новинари.

„На крајот, им благодариме на Агенцијата за филм, на Друштвото на филмски работници на Македонија, на Министерството за култура на РМ, на сите помагатели и спонзори кои во нашиот фестивал препознаа креативен партнер, на Кинотека на Македонија, Народен театар – Битола, Центар за култура – Битола, на медиумите, на Архивот од Битола, на директорот Благоја Куновски – Доре, на уметничкиот директор на фестивалот, Гена Теодосиевска, на целиот тим на фестивалот, на волонтерите, а најмногу ѝ благодариме на верната публика во Битола со која ќе се видиме и идната година“, најави тимот на ИФФК „Браќа Манаки“ во завршниот извештај.

По успешното завршување на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој се одржа од 23 до 30 септември во Битола, директорот на Центарот за култура во Битола, Зоран Димовски овозможи една од просториите во Центарот, цела година да биде канцеларија на Фестивалот.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*