Со цел спроведување на брзо и соодветно решение на долгогодишниот проблем поврзан со бездомните животни, Општина Битола, активно работи на оваа проблематика.
Во таа насока беше и денешниот состанок кој го одржаа градоначалникот, Тони Коњановски и Претседателката на Советот, Габриела Илиевска со претставници на ЈП „Лајка“ од Град Скопје, јавно претпријатие со дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување на систем за контрола на популацијата на кучиња. Работата на прифатилиштето во ова претпријатие се базира врз законска рамка со голем осврт на активности кои прифатилиштето ги воспоставува за поттикнување на одговорно сопствеништво кон домашните миленици. На средбата присуствуваше и експертот од Англија, Брајан Фолкнер, претставник на RSTCA (Кралското здружение за спречување на суровост врз животните), кој даде предлог решенија за надминување на проблемот во Битола, посебно во поглед на условите кои треба да бидат исполнети за згрижување на животните. Исто така, беа разгледани и предлог локациите на кои може да се врши соодветен третман и згрижување на животните.
Состанокот продолжи во салата на Советот на Општина Битола, каде присуствуваа претставници на ЈП Комуналец, како и претставници на битолските здруженија за заштита на животните.
Согласно донесените заклучоци на денешните состаноци, ќе бидат спроведени и следните постапки за решавање на проблемот со бездомните животни низ градот, велат од општината Битола.