Граѓаните да бидат спокојни бидејќи сите земјоделски површини без разлика дали се евидентирани во регистарот или не ќе бидат обесштетени, изјави вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Тој во селото Стајковци изврши увид во работењето на комисиите формирани од Министерството за земјоделство за процена на штетите во земјоделското производство.
– Имајќи го искуството со поплавите што беа во 2015 година во битолскиот регион, ние направивме измени на законот со кој се овозможува да бидат обесштетени сите земјоделски површини. Комисиите за процена се на терен и работат со полн капацитет. За околу дваесет дена оваа работа треба да биде завршена – изјави Цветков.
Тој потсети дека сега луѓето во првата фаза се зафатени со расчистување на домовите и поради тоа и да има повеќе комисии нема да може постапката да оди побрзо бидејќи записникот се прави на самото место во присуство на сопственикот на стопанството. Тој истакна дека како комисиите ќе ги обработуваат податоците тие ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, а откако тие ќе бидат завршени ќе бидат дадени на Влада и ќе бидат исплатени од платежна агенција.
Заменик-министерот Ванчо Костадиновски истакна дека жителите што се погодени од поплавите треба да знаат дека и оние што не се евидентирани во фарм- регистарот, а имаат некои градини или помало стопанство во согласност со законот ќе можат со имотен лист или изјава на нотар да влезат во постапка за да добијат отштета.
– Во тек е постапка за вршење процена и таму каде што има услови ние веднаш вршиме процена. Земјиштето во површина од над 1.000 хектари може да се заврши за период од околу 20 дена, но ние ќе формираме уште дополнителни тимови таму каде што има услови процената да биде завршена за пократко време – истакна Костадиновски.
Формирани се посебни четири тима од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои вршат увид и ги гледаат локациите што се погодени и каде што има однесено дел од фармите. Тие на самото место ги евидентираат загинатите животни и записнички ги заведуваат.
Потоа се спроведува постапка при што се обложуваат и се носат во депонијата Дризла на уништување.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски рече дека на терен екипите проверуваат и по домови и по регистрирани фарми за да се види состојбата.
– Како се повлекува водата, излегуваат нови животни и секој ден собираме нови пријавени животни. Следните денови сигурно ќе има животни што и самите сопственици не знаат каде се. Сѐ она што е видливо во моментот и она што е пријавено е собрано и однесено – рече Поповски.
Истакна дека дезинфекција не може да се изврши на терен што не е сув и чист и нагласи дека не очекуваат ширење на заразни болести и епидемии од страна на животни, бидејќи тие како се наоѓаат веднаш се отстрануваат.