Денеска во Битола, градот во кој во последно време расте бројот на заразени од ковид 19 се пријавени 2 нови случаи, кои според информациите од Центарот за јавно здравје се меѓусебно поврзани, а се поврзани и со претходно регистрирани позитивни случаи.
Тоа што ги (ис)плаши битолчани е што новорегистрираните позитивни на коронаврусот се на возраст од 18 години, што е само уште една потврда дека пандемијата не ги штеди ни (нај)младите.
Инаку според инфмациите од Центарот за јавно здравје- Битола, кој го покрива регионот (Битола, Кичево, Ресен и Демир Хисар) заклучно со денешниот ден земени се вкупно 1.926 брисеви за ковид 19, од кои 1.108 по епидемиолошки индикации, 488 преку упатување од матичен лекар преку системот “Мој термин“ и 330 брисеви од вработени во градинки за скрининг.
Позитивни резултати за ковид 19 се добиени кај 401 лице, од кои 116 се со место на живеење во Битола, 118 во Кичево, 24 во Демир Хисар и 143 во Ресен.
Според досегашните тестирања на заболувањето, кај 197 лица болеста е во тек и тоа 58 од Битола, 80 од Кичево, 36 од Ресен и 23 од Демир Хисар, 192 лица се оздравени,а кај 12 лица болеста имаше смртен исход.
Во Битола бројот на активни случаи е 58, од нив 18 лица се хоспитализирани, а 40 се на домашно лекување.
Од вкупниот број на лица каде болеста сеуште е во тек, 19 лица не даваат податок за контакт со потврден позитивен случај, а останатите 39 активни случаи даваат податок за контакт и тоа: 19 лица се поврзани директно, или индиректно со текстилна компанија, а останатите 20 лица се поврзани во помали фамилијарни/работни кластери.
Во последниве 3 недели бројот на заболени лица во Битола, Демир Хисар и Кичево е во благ пораст. Особено расте бројот на младите битолчани кои не ги почитуваат мерките за заштита.