Деновиве во Битола беше одбележана 100 годишнината од Версајскиот договор. Присуствто на меѓународната научна конференција го искористивме од францускиот амбасадор Кристијан Тимоние да добиеме одговор на актуелни теми пред (не)добивањето конкретен датум за отпочнување преговорите за ЕУ.
Битолски весник: Ваша екселенцијо во време кога Европа ја слави стогодишнината од Версајскиот договор, дали таа не се соочува со усвојување на нов договор по примерот на Версајскиот за нова демаркација или редефинирање на границите на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги и оние од поранешна Југославија?
Кристијан Тимоние: Ако нешто може да научиме од Версајскиот договор,тогаш тоа се неговите лекции за внимателност и реализам: не смее да има победници ниту победени, туку секое решение треба да ги задоволи сите страни, затоа што пријателите сами ги бираме, но не и соседите; од друга страна, сметаме дека во перспектива, Унијата кога ке биде подготвена ќе прими држави кои сакаат да соработуваат, а не заедници кои во себе се уште го носат чувството на омраза, па макар и од инает.
Европската конструкција се базира врз релативизирање на границите во полза на еднаквите права и заедничкото членство.
Б.В: Некои земји, како сто се Албанија и Косово, не го кријат фактот дека тие се за обединување на сите Албанци во една држава, додека српскиот претседател Александар Вучиќ отворено се залага за разграничување на Србија со Косово. Претседателот на Босна и Херцеговина, г–дин Милорад Додик, не го крие фактот дека тој е за независност на Република Српска.
К.Т: Можам да констатирам дека таквите перспективи, доколку се точно формулирани, не се воопшто во духот на приближувањето кон Европската унија. Но, вистина е дека некои идеолози од овие простори треба сосема јасно да изберат помеѓу деветнаесети и дваесет и први век ако не сакаат регионот повторно да биде зафатен од тие наизменични насилства и беда.
Б.В: Ваша екселенцијо, некои земји во Европа, вклучувајќи ја и Франција, неодамна објавија дека е време да се запре интеграцијата на земјите од Западен Балкан се додека Европа не се реформира. Во оваа смисла, се чини дека оптимизмот во врска со отворањето на преговорите со Македонија почнува да опаѓа.
К.Т: Двата реформски процеси не се некомпатибилни. Тие се надополнуваат еден со друг и треба во еден момент да се сретнат: оваа перспективата беше најавена од Претседателот Макрон во неговиот говор на Сорбона пред две години. Точно е дека сликата за Регионот кај нашето население на многу места останала негативна и ќе мора да се промени, бидејќи нашите граѓани на крајот ќе треба да одлучат кога ќе дојде денот на пристапувањето, вклучително, доколку биде потребно кај нас, и преку Референдум. Затоа,потребно е многу да се работи на разубедувањето, за што ќе биде потребно време и при што ќе треба да се покажат видливи резултати, особено во областа на владеењето на правото, на безбедноста и заедничките вредности.
Б.В: Македонија го направи најболниот чекор со промена на своето уставно име за да стане Република Северна Македонија. Кажете ни какви други услови треба да исполни државата за да се обезбеди датум за почеток на преговорите со Европската унија?
К.Т: Земјите-членки на ЕУ едногласно го поздравија договорот чијашто вредност претставува позитивен симбол за стабилноста на регионот; Токму ваквите активности и вести може да го променат нашето мислење во позитивна насока и затоа засегнатите страни не треба таквите придобивки да ги оспоруваат, потхранувајки ја повторно сликата за нестабилен и непредвидлив регион. Ако ова се земе во предвид, тогаш барањата за отворање преговори беа други уште од почетокот. Се разбира, прашањето за името мораше да се реши како пречка на патот, но тоа не можеше да ја ослободи земјата од другите технички и правни критериуми. Позицијата на Франција, иако некои жалат за тоа, отсекогаш била, повеќе од другите, сосема јаснаво тој поглед.
Б.В: Се почесто во последно време се пласира тезата дека Република Северна Македонија на патот до ЕУ треба да исполни нови услови, како реформи во судството, продолжување мандатот на СЈО, реформи во јавната администрација. Што мислите Вие, дали Македонија наскоро ќе може да ги почне преговорите за влез во ЕУ?
К.Т: Условите што ги наведувате не се нови: тие произлегуваат од критериумите предочени од Европскиот Совет во јуни минатата година. Направените законодавни и нормативни заложби беа значителни, со поддршка при многу околности, од страна на опозицијата која го покажа своето чувство за одговорност и национален интерес. Токму таквиот став очекуваме да го видиме за да покаже земјата дека е подготвена, на хартија и во пракса, за отпочнување на пристапните преговори. За жал, минатото покажа дека премногу често реформите остануваа само на хартија и точно е дека се уште постои голема доза на скептицизам во врска со капацитетот за спроведување на донешените закони, а понекогаш и за волјата на земјите од регионот, според наше мислење, но и според овдешните констатации. Точно е и тоа дека барањата кон новите земји кандидати се построги, со оглед на разочарувањата од последните проширувања. Еден од текстовите што најмногу се очекува е Законот за специјалното обвинителство, кој треба да го изгласаат најголемите политички партии, земајќи ги притоа во предвид некои од можните амандмани, со што би се избегнале обвинувањата за реваншизам. За да ја има целата своја вредност пред домашното и меѓународното јавно мислење, овој текст, исто така, треба да биде усвоен со неоспорно и независно мнозинство.
Б.В: Не мислите ли дека Европа игра нефер и дека постојано пред властите во државата се поставуваат нови услови?
К.Т. Нема нови услови; има низа критериуми што беа поставени во јуни минатата година, кои се повеќе или помалку поврзани со напредокот во областа на владеењето на правото, а кои имаат за цел да ја потврдат пресвртницата што се случи во 2016-2017 година. Заедно со земјите-членки, ќе биде констатираме дали агендите што ги постави оваа Влада се добро реализирани и дали треба уште да се напредува пред да се постигне цврста основа за отворање на преговорите. Дипломатските успеси, а на прво место Договорот од Преспа, заслужуваат срдечно признание, но тие припаѓаат на друга област.
Б.В: Ваша екселенцијо, како вие гледате на актуелните политички состојби во Република Северна Македонија?
К.Т: Кога дојдов во 2016 година, се најдов во земја на којашто ѝ се закануваше изолација и за чијашто иднина се поставуваа прашања. Земјата ја надмина длабоката криза и се надевам дека излезе од спиралата на политичко насилство и целосно анти европски и либерализам. Сепак, останува уште многу да се направи за да се создаде култура на компромис што за нас претставува основа на Унијата. Претераното опониранње на двете најголеми заедници, исто така, ми се чини дека е ризик за иднината: мора да се работи повеќе од кога и да е на приближување на младите луѓе, особено на јазичен план, а политичките партии да престанат да играат на картата на националниот популизам во рамките на заедницата, кој на крајот ќе ги поттикне само интересите на профитерите. Политичките партии, општо земено, имаат преголема улога во сите области и се очекува дека владеењето на правото ќе ја ограничи нивната прекумерна важност.Примерот со неколку земји-членки на ЕУ покажува дека не сме биле доволно внимателни ва тој поглед при последниот бран на проширување.
Б.В: Дали не мислите дека доколку државата не добие виза за почеток на преговорите нема да дојде до зголемување на евро скептицизмот кај граѓаните?
К.Т: Имајки во предвид дека никогаш не сум сретнал соговорник што посакува евроазиска интеграција, сметам дека европскиот проект ја демонстрира сета своја живост. Исто така, ние самите треба да го потхрануваме со конкретни активности, како тие што ги предвидува Француската стратегија за регионот, објавена на Берлинскиот самит. Нашата Француска агенција за развој, која има надлежности за регионот, почна да пристигнува: до Владата доставивме нацрт-договор што би сакале да го потпишеме што е можно поскоро. Мора да ја интензивираме нашата соработка за да се исполнат сите конкретни услови со цел да се отворат ефективни преговори. Во текот на оваа недела ќе отворам семинар подготвен од нашиот експерт при Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, а чијашто цел е обука на вашите домашни експерти. Најголем ризик од појава на евро скептицизам ке биде, според мое мислење, ако се тргне во преговори по лошо подготвен терен, што би претставувало удар кој ќе го разочара јавното мислење и тогаш може да се појави убеденост дека довербата била изневерена.
Б.В: На крајот, кажете ни, како амбасадор на Франција, дали сте оптимист, или песимист во врска со процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија?
К.Т: Не сум ни оптимист,ниту песимист, само знам дека тоа ќе се случи, бидејќи од македонска страна, интеграцијата веќе започна да се случува во размислувањата на луѓето. Европа пак, од своја страна, повторно мора да надмине сопствена криза, таа со Брегзитот и да се подготви да ве прими. Притоа, ќе биде неопходно, како што рекол Генералот де Гол, да се оди со здружени сили. Зашто, кога станува збор за европските прашања, тоа не е мала работа: потребна е трпеливост, координација и обука. Но, ние ќе ви ја дадеме сета наша поддршка.