Don't Miss
Home / Колумни / Поинаквите политики на Поинаку

Поинаквите политики на Поинаку

       

         Во Советот на Битола, деновиве се случи вистински политички земјотрес.

        Како што и се очекуваше  (не)формалната коалиција ВМРО ДПМНЕ- Поинаку се распадна.

        Независната листа на Поинаку, предводена од претседателката на Советот, Габриела Илиевска го сврте листот и му откажа верност и лојалност на ВМРО ДПМНЕ, формирајќи ново мнозинство со СДСМ.

        Новото мнозинство, кое во моментот го сочинуваат СДСМ и Поинаку, како и Левица, кое брои 18 советници, сега е  всушност новата (не)формална коалиција, која ќе раководи со градот.

        ВМРО ДПМНЕ по новиот распоред на гласовите во Советот привремено, или трајно замина во опозиција.

        За да му покаже на власта кој е кој во моментот во Општината, новото мнозинство на Советот веднаш донесе одлуки за разрешување на управните  и надзорните одбори на 6 јавни претпријатија и најави формрање на граѓански усправни и надзорни одбори, кои во наредниот перод ќе раководат со јавните претпријатија.

        Откако по ваквото салто мортале во Советот градоначалникот на Битола, Тони Коњановски најави дека нема намера да ги потпише одлуките донесени на Советот и дека ќе  го повика Државниот инспекторат да изврши надзор на работата на Советот едно што станува јасно е дека локалната самуправа на Битола влегува во сериозна  политичка криза од која во моментот никој не знае како ќе се извлече.

        Во овој момент едно што е сигурно е тоа дека во наредниот период до годишните одмори, а можеби и до септември, со Општината Битола ќе се расправаат инспекторите на Државниот инспекторат на Министерството за локална самоуправа,  а и можеби и судските органи.

        Најпрво на дневен ред  ќе се најде решението на Државниот инспекторат кој при ревизијата утврди дека претседателката на Советот, Габриела Илиевска спротивно на Деловникот и Статутотна Општината ја прекинала 26  седница на Советот.

        Потоа на дневен ред ќе биде решението кое треба да го донесе  Државниот инспекторат по барањето на градоначалникот Тони Коњановски, кој одбива да ги потпише одлуките на новото мнозинство на Советот, кое на 27 седница ги разреши управните и надзораните одбори на јавните претпријатија.

        Во таква ситуација упатените велат дека Општината ќе се најде во  правен вакум и Советот не ќе може буквално да функционира.

        Таквото (не)#работење# најмнгу ќе го почувствува градоначалникот Тони Коњановски, кој неодаменшната опозиција, а сега  локална “ власт “ веќе го прогласи за “ Англиска кралица”, која ќе има само церемонијална функција и не ќе може во целост да ги извршува своите функции и работни задачи.

        Иако по политичкиот земјотрес што се случи на последната седница на Советот сите политички партии искажаа подготвеност да продолжат да работаат во интерес на градот, сепак малкумина веруваат во тоа.

        Напротив упатените во (не)приликите во  Општината велат дека по прегрупирањето во Советот дури сега претстои голема политичка пресметка за излез од безислезот во кој се најде локалната самоуправа.

        Со своите поинакви политики од досегашните, независната листа на Поинаку, предводена од претседателката на Советот, Габриела Илиевска, на најдобар начин демонстрираше кој е кој во Советот.

        Таа по обвинувањата од страна на ВМРО ДПМНЕ дека не работи и ја опструира  работата на Советот одлучи да да  ја смени плочата и да ја испрати партијата на власт  ВМРО ДПМНЕ во опозиција.

         Таквата одлука на Илиевска колку и да ги изненади советниците на ВМРО ДПМНЕ требаше да ја очекуваат.Имено, во последно  време таа во неколку наврати со свои изјави и потези им најави на ВМРО ДПМНЕ дека нејзиното трпение за нереализрањето на договорените проекти и политики е и при крај и дека само прашање на денови е кога таа ќему ја откаже лојалноста и довербата на  ВМРО ДПМНЕ.

        Обраќањето на градоначалникот Коњановски дека е време претседателката на Советот, Габриела Илиевска  наместо да опструира и напаѓа, да почне да работи беше само последна капка која ја прели чашата за да дојде до смена на локалната власт.

         Габриела Илиевска иако  со Поинаку беше во (не)формална коалиција, во последно време беше најжесток критичар на политиките на ВМРО ДПМНЕ и особено неефикасната администрација. Илиевска  беше доста критична  и кон  трошењето на парите од општинскиот буџет  за “проекти “  од областа на културата и културните манифесатции, а и спортот.

        И после таквите критики и обвинувања  ВМРО ДПМНЕ и општинското раководство наместо  да се замислат и да најдат начин да ги надминат недоразбирањата, тие се однесуваа како  ништо да не се случува и како да имаат стабилно мнозинство и апсолутна власт во Советот.

         При ваков распоред на советничките мандати кога СДСМ и ВМРО ДПМНЕ имаа ист број советнички места и  кога  за тоа кој ќе биде власт, а кој во опозиција, одлучуваат советниците на Поинаку, беше премногу наивно  од страна на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Коњановски дека можат комотно да владеат и дека Поинаку ќе им биде вечно лојална.

        Доколку така мислеа тие очигледно не ја познаваа доволно добро Илиевска и дека таа има мошне низок праг на толеранција за одредени политики кои ги реализираше локалната власт, без нејзино одобрение.

        Самиот факт што Илиевска не прифати да ја дели одговорноста за (не)функционирањето на градот  и да води ни едно јавно претпријатие, или општинска институција е најдобра потврда дека неа и на  Поинаку не им е до “гола власт “, туку  дека тие сакаат  целата одговорност за состојбите во градот и општината да им ги препуштат на ВМРО ДПМНЕ, но  притоа тие да се прашуваат што, кога и по која цена ќе се гради во градот.

        Не само на упатените во политичките случувања, туку и на најнаивните им беше јасно дека советниците на Поинаку не сакаат да преземат одговорност за (не)функционирањето на градот и дека  ним им  е многу подобро да бидат настрана, но тие за се да се слушаат и прашуваат за се.

        Но тоа што е чудно како ВМРО ДПМНЕ со само 13 свои советници и без свое мнозинство  размислуваше толку наивно  да владее со гласовите на Поинаку  и да си ги брка и реализира само свои проекти и политики.

        Сега, кога ситуацијата е ваква каква што е, повеќе од јасно е дека ваков  каков што е сега  распоредот на силите во Советот, Општината Битола тешко ќе  може во наредниот период да функционира.

        Во таква ситуација  излезот од ваквиот политички безизлез е  или формирање на широка коалциија за да може градот да функционира нормално и да се реализираат проектите  или одржување на предвремени локални избори за нов Совет, зашто  вака како што сега се сотојбите прашање е само на денови кога ќе се распадне и коалицијата СДСМ- Поинаку, а барем засега помирување мегу Поинаку и ВМРО ДПМНЕ не е можно.

        Сите други начини на (не)решавање на кризата во Советот се само весели математики, од кои Битола ќе има сериозни последици.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*