Денеска претпладне, со свеченото доделување на наградите и прогласување на најдобрите учесници, беше спуштена завесата на годинашното 36-то по ред издание на „Малиот битолски Монмартр”.
Меѓународното стручно жири на ликовни педагози, за најдобар учесник на Колонијата го прогласи малиот Поламат Самидар од Тајланд, а посебни награди добија и учесниците од Хонгконг за ликовна колекција.
Означувајќи го крајот на Колонијата, која според него беше една од најуспешните досега, идејниот творец на Малиот битолски Монмартр, Коста Хаџиантоновски истака:
-Заврши другарувањето на децата од целиот свет. Дојдоа со желба да се запознаат меѓу себе, но и со битолските занаетчии и други граѓани. Овој настан е уште една промоција на Битола во светот, но и на Охрид и на Вевчани каде што децата престојуваа и сликаа со своите четки и бои – рече меѓудругото Коста Хаџиантоновски, раководител на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј” – Битола.
На крајот на Колонијата, Здружението на занаетчиите од Битола додели два златни крста. Златните крстови на битолските занаетчии ги добија Всевопод Романков од Москва и Там Це Чинг од Хонгконг.
Инаку на годинашната колонија учествуваа над стотина млади ликовни уметници од 14 земји во светот, кои 7 дена сликаа на тема старата архитектура на Битола.
Во рамките на ликовниот караван учесниците на Колонијата еден ден сликаа во Охрид и Вевчани.
М.М.