Врз основа на заклучоците и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, денеска бесплатно подели средства за дезинфекција на раце во повеќе министерства, владини институции, како и во дел од органите во состав на министерствата.
Средствата за дезинфекција на раце се наменети за сите вработени во институциите како и за граѓаните што ги користат нивните услуги, зашто здравјето на граѓаните е пред се!
Во текот на викендот, ќе се спроведе дезинфекција во просториите на сите министерства, како и во органите на управата.
Дезинфекција ќе се изврши и во резиденцијалните објекти на Претседателот на државата и на Претседателот на Владата, на клубовите на органите на државната управа (угостителски објекти), магацинските простории на општите служби, како и на возниот парк на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Оваа мерка за дезинфекција како и снабдувањето на
институциите со средства за дезинфекција на раце ќе продолжи во повеќе
наврати, ќе се спроведува во институциите, особено таму каде што е
најголема фреквенцијата и комуникацијата на граѓаните со
администрацијата како придонес за спречување на ширењето, за превенција и
за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните.