Без сеќавање нема иднина, ние паметиме, порачаа потомци на македонските Евреи пред бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на нивните сонародници.
Во Битола денес беше одржана комеморација во Офицерскиот дом, меѓу чии учесници имаше и гости од Израел. Присутните положија цвеќе на споменикот на депортираните Евреи и бистата на народната хероина Естраја Овадија Мара, а според востановената традиција и годинава се одржа поворка на живите, која почна пред здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“, а заврши на Железничка станица во Битола.
– Битола денеска одбележа 80 години без Евреите кои беа културното и трговското јадро во градот. И додека сите си споменуваа за заедничкиот мултиетнички живот, портите на клубот „Ванчо Михајлов“ ги сопнаа потомците на битолските Евреи – истакнаа директорот на Фондот на холокаустот, Горан Садикаријо, внукот на Хаим Садикарио, преживеан од холокаустот, и претседателот на Фондот на холокаустот, Иван Николиќ, правнук на последниот битолски рабин, Аврам Романо, пред зградата на бугарскиот клуб.
Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови, на 11 март, започнало собирањето на Евреите. Полицајците на луѓето им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, при собирањето на Евреите. Продолжило на железничките станици во Битола и во Штип, но и во Државниот монопол во Скопје, од каде што Евреите во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. За14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7.144-те македонски Евреи.