Don't Miss
Home / Колумни / Предизборна демагогија

Предизборна демагогија

               

        Во изминатите години пишуајки на оваа тема многу пати сум рекол дека политичарите кај нас се единствено доследни во својата недоследност.

        Тиа работите ги сфаќаат и коментираат во зависност од тоа дали се на власт, или опозиција.

        Кога се  во опозиција тие сите случувања , настани и работи на политичаката сцена  ги гледаат  и коментираат мошне (не)критички.

        Но кога ќе дојдат на власт се однесуваат сосема обратно.

        И таквата пракса трае  речиси  три  децении, колку што трае македонската незавиност.

        Искрен да бидам од таквиот “вирус”  боледуваат безмалку сите политичари.

        Многу ретки се тие кои признале дека од таквата “болест” се заразиле бидејќи биле во заблуда и во вистинскиот момент не можеле  исправно и правино да ги согледаат состојбите.

         Деновиве прелистувајки ги веќе пожолтените страници на Битолски весник сретнав многу “бисери” со кои  политичарите се обиделе да ја “купат “ довербата на граѓаните.

        Сега кога би им  ги сменил имињата  и улогите на нивите (пред)изборни глаголења, човек ќе се изначуди што зборувале некои политичари од сегашната опозиција кога биле на власт, или пак сегашната власт кога била во  опозиција.

        Иако до локалните избори има уште цели 6 месеци, политичарите веќе ја почнаа (пред)изборната кампања,повторно сме сведоци на остри препукувања меѓу власта и опозицијата.

         Сега опозицијата тврди дека владее  непотизам во вработувањата, дека се вработуваат “блиски” роднини дури од петто колено, дека  има криминал, распродажба на државните интереси, дека ништо не само што не е сработено, туку дека не се работи, дека владее режим…

        На таквите тврдења власта возвраќа дека тоа се лицемерни лаги и измислици, дека помина врмето на режимот на Груевски и дека по смената на власта конечно  во Македонија дојде демократијата, дека законот е еднаков за сите, дека борбата против криминалот е бескомпромисна, дека  во Македонија повеќе нема заштитени мечки, дека цути економијата…

        Со оглед на тоа како функционираат партиите кај нас, ретко ќе најдете човек кој ќе им каже в лице и на едните и на другите дека  со ретки исклучоци не се во право и дека состојбите не се такви, какви што се прикажуваат.

        Напротив и едните и другите грешат и дека заслепени од својата партиска суета не ги гледаат работите како што треба.

        Битола е мал град, во кој речиси сите се знаеме меѓу себе.

        Битолчани многу добро знаат кој што (не)направил кога бил на власт.

        Иако во изминатиот период  дојде  неколку пати до смена на генерации, сепак на граѓаните на Битола многу  добро им е познато кој што ветил, а не исполнил и какви пропусти имал кога бил во можност да ги реализира ветувањата кога бил на  власт.

        Тоа што посебно загрижува е што додека  партиите  во последно време водат беспоштедна битка  за дискредитација на својот политички противник, за жал ниту една политичките партии досега, на само неколку месеци пред изборите, не излегува  во јавноста со програма што ќе им понуди на битолчани на следните избори и со кои кандидати за градоначалник или Совет ќе се обидат да  ја добијат или задржат довербата на битолчани.

        Сите се некако настрвени  да се дискредитира политичкиот противник. За тоа со кој кандидат и кои проекти ќе се обидаат да ја освојат доверата на граѓаните засега никој не размислува.

        Се е некако ставено на стенд бај, или на исчекување, на тоа што ќе го каже лидерот.

         Тоа што загрижува е што засега ниту една партија во Битола нема храброст да излези  во јавноста со кој кандидат ќе излезе на претстојните локални избори.

        Наводно се правеле  анкети за тоа каков е рејтингот на потенцијалните кандидати и дека тоа ќе се знаело подоцна.

        Притоа се заборава дека институцијата градоначалник, или советник не е обична и дека не може секој истата со успех да ја обавува.

        Битола има буџет од 35 милионие евра годишно. Тоа се огромни пари со кои ќе управува градоначалникот и Советот.

        Тие се тие кои  ќе располагаат со стотина милиони евра за новиот мандат. Со тие пари можат да се направат многу работи, кои во целост можат да им го сменат и подобрат  животот на битолчани.

        Затоа нивиот избор не може да биде оставен на случајност или (меѓу)партиски импровизации.

        Во трката за советнции и градоначалници можат да влезат само луѓе  кои имаат знаење, стручност, компетентност, капацитет, визија, храброст…

        Тоа убедн сум им е јасно на сите кои имаат намера да го водат и раководат со градот.

        А време за губење нема.

        Во изминатиот период  се изнаслушавме какви не проекти, од изградба на аеродроми, затворени базени, голф терени, хотелски комплекси, аква паркови, асфалтирања на стотици улици, булеварски влезови, подземни  и катни гаражи.

Потрошени се многу пари, а резултатите се повеќе од скромни. 

        Затоа крајно време е кај нас да се смени филозофијата дека  секој може да биде се.

        Битолчани немаат повеќе време за губење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*