Без многу помпа, скромно и без специјалитетот “тикварник “ кој го вети актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска заедно со заменикот на претседателот на Владата задолжен за за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи извршија увид во активностите на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување“, кој се спроведува во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, ко-финансиран од Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија, а со техничка поддршка од канцеларијата на Светска банка.
Овој потпроект вклучува реставрација и адаптација на Офицерскиот фом во Битола, негово партерно и хортикултурно уредување, промотивни активности, како и градење на капацитетите на чинителите со кои се подобрува развојот на туризмот во Пелагонискиот регион.
Вицепремиерот Битиќи, во изјава за присутните медиуми, по завршениот увид на градежните активности нагласи дека Офицерскиот дом е најзначаен културно-историски објект во Битола, кој се наоѓа во централното градско подрачје, а кој долги години беше запуштен и оддаваше лоша слика за целата околина. Токму затоа преку Проектот за локална и регионална конкурентност Владата и општината се заложија за негова реставрација, со цел да се врати неговиот стар сјај и уникатност.
-Денес правиме увид во завршните работи, и сите заедно можеме да се увериме во неговата архитектонска убавина и импозантност, како и да бидеме горди дека овде во нашата Битола, има ваков репрезентативен објект на кој многу можат да ни завидуваат. Оваа инвестиција е само дел од реализираните активности во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, кој има за цел да ги подобри туристичките потенцијали во 10 различни дестинации во земјава. Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини вкупно 58.792.610,00 денари, од кои 52.913.349,00 денари беа обезбедени од Проектот за локална и регионална конкурентност додека Општина Битола учествуваше со 5.879.261,00 денари.
Објектот е реставриран по сите стандарди, почитувани се неговите историски специфики, а слободно можеме да го сместиме меѓу културно-историските богатства на нашата земја. Објектот го одразува духот на овој град, град богат со историја и култура, на битолчани кои се надалеку познати по својот космополитизам и богата градска традиција. Наша заложба како Влада е рамномерен регионален развој, бидејќи секој град, секој дел од нашата земја е подеднакво важен, и треба да се развива. Битола е важна за сите нас, и се надевам дека повторно ќе се видиме на заедничка радост“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.
За време на посетата, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги претстави досега преземените активности во Офицерскиот дом во Битола, како дел од неговата реставрација која се одвиваше во изминатиот период. Таа посочи дека беше извршена санација на внатрешниот и надворешниот дел на еден од најважните културно-историски објекти во Пелагонија кој бил граден во периодот помеѓу 1909 и 1911 година, а официјално е завршен во 1919 година. Овој објект е обележје на Битола и сè уште претставува споменик на битолската култура. Реставрацијата која се одвиваше во рамките на овој потпроект вклучува зачувување и реставрација на фасадните скулптури, промена на фасадaта, како и внатрешна реставрација, со цел Офицерскиот дом да се претвори во централно место за културни настани и изложби во текот на целата година.
Градоначалничката Петровска соопшти дека веќе е завршена замената на внатрешната столарија и санацијата на тоалетите, а поставен е и нов систем за внатрешно и надворешно осветлување, како и термичка изолација со соодветен систем за греење и ладење. Партерното и хортикултурно уредување околу Офицерскиот дом претставува последен чекор од процесот на рехабилитација и според планот, а истиот ќе биде пуштен во употреба кратко по завршувањето на работите во дворот на објектот.
-Реставрацијата на Офицерскиот дом му даде ново руво на еден од најпрепознатливите објекти во нашиот град, со што тој повторно ќе стане место кое го привлекува интересот на локалните жители и туристите. Ова ќе биде дом на уметноста, во него ќе има низа културни настани, ќе биде отворен за настани на разни организации, на бизнис заедницата, но и за музејски поставки кои ќе бидат флексибилни зашто градот изобилува со археолошки наоди кои се наоѓаат во подрумските простории на нашиот Музеј, дел од нив артефакти кои ниту битолчани ги немаат видено“, изјави Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола.