Don't Miss
Home / Вести / Проект за справување со стресот во време на пандемија

Проект за справување со стресот во време на пандемија

Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола, во изминатиот период го реализираше проектот „Примена на ИТ алатки за комуникација за социјална поддршка на младите од руралните средини во Пелагонискиот регион, во време на пандемија на Ковид 19“.

-Во рамките на проектот се реализираа низа онлајн работилници на кои свои излагања имаа професори-експерти, психолог, педагог, социолог, за справување со стресот во ситуација на пандемија, а учество зедоа над 150 млади луѓе од општините Битола, Новаци и Могила, како и градоначалниците на Новаци и Могила. Градоначалникот на Општина Новаци, г-дин Љубе Кузманоски, пред учесниците објасни кои активности ги презема Општина Новаци со почетокот на пандемијата на корона вирусот и како се одвива онлајн наставата во Основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Општина Новаци. Проектниот тим составен од професорката Моника Марковска, наставничката Виолета Стевановска, педагогот Анета Ристевска и психологот Марија Младеновска-Димитровска, придонесоа за анимирање на младите во време на ковид-19. Преку проектот се зголемува информираноста на младите за важноста на менталното здравје за време на пандемијата со ковид-19 и примена на ИТ алатките за комуникација. Проектот е поддржан од ад-хок програмата од Цивика Мобилитас, која е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска – истакна Мартин Николовски, претседател на Здружението „Интерактив“.

Психологот од СОУ “Таки Даскало“ – Битола, Марија Младеновска-Димитровска, одржа предавања на кои беа вклучени и учениците од билингвалната гимназија од СОУ “Таки Даскало“ за „Стресот и психолошките последици од стресот во кризна ситуација на пандемија и изолација“ и “Стратегии за справување со стресот во време на пандемија и изолација“, додека педагогот од СОУ “Јане Сандански“ Анета Ристевска, одржа предавања на тема: “Спортот и рекреацијата во време на изолација“ и “Интерактивен разговор за читање на книги“ со тематика пандемија.

На работилниците учесниците имаа можност да дознаат кои се психолошките последици од пандемијата и изолацијата, што е стресот, како да се справиме и да управуваме со стресот во ситуација на криза, како да ги препознаеме и да се соочиме со емоциите во ситуација на пандемија и изолација, кои се психолошките последици од изолацијата и пандемијата, краткорочни и долгорочни последици, како да го сочуваме психичкото здравје во ситуација на криза, кои стратегии да ги користиме за справување со стресот во изолацијата, совети како да си дадеме самоподдршка и поддршка на другите во изолација, кои техники за релаксација да ги користат.

Покрај за справување со стресот во време на пандемија, претседателот на “Интерактив“ Мартин Николовски, одржа предавања за комуникациски вештини и за “Влијанието на известувањето на медиумите  во време на пандемија“.

Во рамките на проектот ќе биде направено видео кое ќе содржи пораки од младите за младите, како и публикација од сето тоа што беше спроведено во проектот во изминатиот период.

Марија М. Димитровска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*