Во рамките на обележувањето на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, еден од втемелувачите и кодификаторите на современиот македонски литературен јазик денеска во Македонско нучно друштво Битола беше промовиран прирачникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“на Здравко Божиновски.
Автор на прирачникот со наслов „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“ е членот на МНД , лектор и публицист Здравко Божиновски, научен работник, македонист, фолклорист, писател, поет, препевач на светската класична поезија и еден од најстарите членови на Македонското научно друштво во Битола (1963).
Божиновски е роден на 01. 10. 1940 г. во с. Барешани, Битолско, Гимназија завршил во Битола, а Филозофски факултет, група Југословенска книжевност и македонски јазик, во Скопје. Во 1968 год. се вработил како лектор, а потоа како Советник за заштита на македонскиот јазик во Собранието на Општината Битола, од каде во 2005 г. заминал во пензија.
Во својата богата публицистичка и научна кариера издал 11 книги и 35 научни статии од областа на националната историја, литература и македонскиот јазик.
Учество со реферати на 19 конгреси и симпозиуми.
Има издадено 14 збирки со македонски препеви од руски и од англиски јазик на четиринаесет илјади (14.000) стихови од поезијата на 8 светски класични поети.
За своите успеси има добиено 17 национални и интернационални награди и признанија.