Don't Miss
Home / Колумни / Ревизија и на нашето аминување

Ревизија и на нашето аминување

Деновиве, откако дојде до смена на централната и локалната власт, сведоци сме на секојдневни најави или извештаи, кои ги пласираат новоизбраните државни или општински функционери, за ревизија на (не)работењето на нивните претходници. Речиси нема ден а да не слушнеме или прочитаме дека во тие и тие институции се врши ревизија. Новите раководства велат дека не може да чекаат институциите што ги презеле да дојдат на ред за ревизија од страна на Државниот завод за ревизија, па тој да утврди како и колку работеле функционерите од претходната власт и какви обврски им оставиле во наследство, туку одлучија тие да ангажираат свои ревизори, кои ќе го чешлаат работењето на сега веќе бившите министри и градоначалници.

Како резултат на ова, во овој период во Македонија буквално насекаде се врши ревизија на (не)работењето на претходната власт. Иако некои ревизии сѐ уште се на самиот почеток, а други ниту почнале, во јавноста веќе можат да се слушнат, или прочитаат разни (дез)информации за наводното недомаќинско и прекумерно арчење на државните и јавните пари и дека касите биле буквално празни! Атмосферата на која во последно време сме сведоци, по многу нешта потсетува на атмосферата кај „Ревизор“ на Гогољ. Иако сегашните ревизори немаат ништо заедничко со Иван Александрович Хлестаков, кого го открија дека е дојден во градот да прави ревизија дури по две недели, откако претходно убаво уживал во градската меана, сепак атмосферата многу потсетува на таа кај Гогољевиот ревизор од 19 век. Особено потсетува делот кога сите во градската администрација стравуваа што ќе открие Хлестаков.

Гледајќи го сето ова, ми се наметна констатацијата дека да беше Гогољ жив, сигурен сум дека ќе напишеше уште неколку изданија на „Ревизор“, бидејќи иако сегашните ликови по многу нешта се слични со ликовите од неговото време, сепак сегашните, кои се од новото, дигитално време, се многу покарикатурални. Иако ми е криво што во овој период кај нас не се роди досега некој нов Гогољ, сепак во оваа пригода немам намера да се занимавам ни со ликовите на рускиот генијалец, ни со ревизиите што моментно се прават насекаде во државата, па и во Битола.
Но кога станува збор за (не)работењето на нашите државни и општински „татковци“, мене многу ме интересира како се трошени народните пари, бидејќи токму од таквиот начин на арчење на буџетите многу деца кај нас останаа сираци. Тоа што многу ме интересира е што ќе покажат ревизиите, кои мора да бидат стручни, професионални, аргументирани, поткрепени со бројки и со факти, а не партиски, за да ни ја прикажат вистинската слика во која се наоѓа Македонија.
Овие ревизии не само што се потребни туку се и нужни, не само за новите раководства и функционери туку и за претходните, бидејќи само на тој начин тие ќе можат да ја симнат хипотеката што сега им се наметнува, или да се соочат со судот на правдата.

Само со такви ревизии ќе знаеме на кое дереџе сме и како ќе продолжиме натаму. Во спротивно и овие ревизии, како и досега, би се претвориле во својата спротивност, да бидат евтина забава за народот и меѓупартиска пресметка.
Оставајќи да видиме што ќе утврдат ревизорите, во ова пригода мислам дека е вистинскиот момент добро да размислиме за еден вид нова ревизија кај нас. А тоа е ревизија на нашиот ментален ум. Иако за тоа што ќе го утврдат ревизорите секој ќе си ја преземе одговорноста, сепак мислам дека и ние како народ не треба да бидеме амнестирани од неа.     Колку и да боли, за жал, вистината е таа. За сѐ што ни се случувало, или ни се случува во изминатите години, не се виновни само политичарите, или функционерите што во наше име најчесто ги реализирале своите лични идеи и проекти. Вината ја преземаме и ние, бидејќи сите изминати години најчесто некритички и поданички сме се однесувале кон сите власти, без добро да размислиме што ни нудат и со кои пари ќе го реализираат тоа.
Прочитувајќи го таквиот наш менталитет, во изминатите години политичарите, во настојувањето да ја освојат нашата доверба, чест на исклучоци, сепак ни нудеа проекти и објекти, кои многу често и самите тие што ни ги проектираа и ги презентираа не веруваа дека ќе ги направат. Ние, пак, заслепени од политичкото слепило, едноставно без никаква (само)критичност, прифаќавме сѐ што ќе ни се понудеше. Па, така, дозволивме народните избраници со нивните весели математики да ни нудат изградба на проекти што не само што биле без заокружена финансиска конструкција туку и економски неисплатливи. Нудејќи ни големи инфраструктурни и капитални проекти, за сегашните и идните генерации, тие најчесто си ги реализираа и исполнуваа своите приватни планови и желби.

Во една таква атмосфера на исчекување, и граѓаните на Битола со голема заинтересираност следат што ќе покаже ревизијата за материјално-финансиското работење на сега веќе бившото општинско раководство. Битолската јавност со право очекува да биде информирана како се трошени парите на граѓаните во сите изминати 12 години и дали е можеби, и колку, заглавена општинската каса.
Но уште пред да почне ревизијата, битолската јавност во едно е сигурна, дека токму како резултат на мегаломанско планирање, без заокружени финансиски конструкции, многу од проектите, кои се платени, ќе останат само мртво слово на хартија. Упатените тврдат дека тоа сигурно ќе се случи со проектите за изградба на цивилен аеродром кај Логоварди, подземните и катните гаражи на Широк сокак, потоа хотелскиот комплекс кај Нижеполе, жичницата од Нижеполе до Орлови Бари, голф-терените кај Братиндол, влезовите во Битола, кванташкиот пазар, рекреативниот центар на Тумбе кафе, спортскиот комплекс… а во прашање е доведена и изградбата на Градскиот стадион под Тумбе кафе, за чија изградба се потребни над 12 милиони евра, а досега не била платена ниедна рата.
Кога администрацијата што ги понуди сите овие проекти не успеа да ги реализира за изминатите 12 години, сосема логично се поставува прашањето како тоа ќе го направи актуелната градоначалничка, која, покрај довршување на старите и веќе почнати а недовршени проекти, на битолчани им вети и свои проекти.

Во моментот сосема не е јасно и што ќе стане со парите на граѓаните што купија локации во касарната, а кои и по шест години сѐ уште не можат да почнат со градба, бидејќи таа не е урбанизирана. Затоа ревизиите за материјално-финансиското работење на претходната власт се неминовно потребни.
Но неминовно ни е нужна и ментална ревизија. Кај нас еднаш треба и мора некој да се зафати со ревизија на нашиот ментален склоп, бидејќи токму поради тоа што не правиме таква ревизија, ние сите овие изминати години ги плаќаме последиците од таквите политики на градење Потемкинови села и играње весела математика. Тоа што подоцна сите велиме дека од главата си патиме, не нѐ амнестира воопшто.

Токму за да не ни се случува тоа што ни се случува сега, отпосле сите да стануваме паметни, сега е моментот со законски измени да се обврзат сите оние функционери што ќе понудат проекти, за кои ќе немаат обезбедено комплетна финансиска конструкција, кривично да одговараат, а да одговараат ако треба и со својот личен имот.

Само доколку се случи тоа, секој што сака да извршува државна или јавна функција ќе се запраша со какви ветувања ќе излегува пред граѓаните.

Во спротивно, и натаму кај нас ќе ни се случува во одредени ситуации на власт да доаѓаат случајни луѓе, кои иако пред тоа не можеле да скрпат крај со почетокот на месецот, да ни нудат мегаломански (иако неизводливи) проекти без никакво покритие.

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*