Don't Miss
Home / Вести / СДСМ поднесе барање за итна седница на Собранието

СДСМ поднесе барање за итна седница на Собранието

Пратениците на СДСМ поднесоа барање за свикување итна седница на Собранието за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со ковид-19 од страна на претседателот Стево Пендаровски. Иницијативата е поддржана и со потписите на пратеници на НСДП, ЛДП, Алијансата на Албанците, ДПА, БЕСА, Алтернатива и пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Барањето е доставено до архивата на Собранието, а потоа оттаму ќе биде испратено во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој претходно истакна дека треба да ја разгледа иницијативата пред да се изјасни за неа.

– На седницата која би била свикана, Собранието конечно ќе има можност да ја оствари својата уставна надлежност согласно членот 125 од Уставот, да ги потврди одлуките за прогласување на вонредна состојба кои ги донесе Претседателот на Републиката. На овој начин Собранието ќе биде доследно на приоритетот кој со уставните одредби му е даден во прогласување на воена или вонредна состојба и нема да дозволи извршната власт да ја има комплетната контрола над уставните процеси за носење одлуки за прогласување и продолжување на вонредната состојба – стои во објаснувањето потпишано од 35 пратеници.

Пратениците кои бараат свикување на седницата се повикуваат на Уставот и членот 63 став 4 во кој е наведено дека мандатот на пратениците може да се продолжи во услови на вонредна и воена состојба.

Иницијативата нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, додека ДУИ остави простор да ја види иницијативата пред да се изјасни.

Собранието се самораспушти на 16 февруари поради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април, но тие беа одложени поради ширењето на коронавирусот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*