Во последно време бројот на заболените од Ковид 19 во Битола постојано се зголемува.
Секојдневно сме сведоци како голем број битолчани и болни од Југозападниот регион заболуваат од коронавирсуот.
Во Центарот за јавно здравје велат дека постојано се зголемува не само бројот на тестираните и заболените, туку што е уште полошо и хоспитализираните лица.
Загрижува тоа што во последно време драстично расте бројот и на младите во Битола кои се заразуваат од Ковид 19.
Инфективното одделение во Битола веќе стана претесно да ги прими сите болни кои се жалат на симптоми од Ковид 19.
Според последните податоци бројот на хоспитализираните болни во Инфективното одделние е над 78 позитивни и суспектни пациенти на Ковид 19.
Тоа што е уште позагрижувачко е што сите хоспитализирани лица се со тешка клиничка слика, а околу 65 болни се на кислородна поддршка.
Иако Инфективното одделение е речиси полно, сепак сеуште не е готов Модуларниот ковид центар, кој требаше да биде изграден за три недели, а ни по 4 изминати месеци тој сеуште не е готов и во овој момент никој не знае кога ќе биде пуштен во употреба.
За тоа кои се причините за доцнењето на Модуларната ковид болница, во Клиничката болница во Битола молчат.
И покрај сите напори да ја добиеме директорката на Клиничката болница Билјана Гагачовска, и неколкуте пораки кои и ги испративме за жал од таму не само што не добивме одговор, туку ги игнорираат сите наши пораки.
Во таква ситуација се обративме до министерот за здравство Венко Филипче, кој за разлика од Гагачовска експресно ни одговори на нашите прашања.
Според Филипче изградбата на Модуларниот ковид центар во Битола, бил готов и остануваат да се завршат уште само некои работи.
Но притоа министерот Филипче не одговори конкретно кога Модуларниот ковид центар ќе биде пуштен во употреба.
Чудно е како министерот за здравство Венко Филипче најде време да одговори на нашите прашања, а директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачовска ги игнорира сите наши повици и пораки.
Инаку Модуларниот Ковид центар во Битола, покрај со средства на Министерството за здравство се гради и со донации на Општината Битола, како и јавните комунални претпријатија и АД ЕСМ.
За изградба на Модуларната ковид болница двете јавни комунални претпријатија “ Никоградба “ и “ Водовод “ донираа по 1.500.000 денари.
Со овие средства тие ги изградија приклучоците за вода и канализација.
Свои средства донираше Општината Битола која со одлука на Советот издвои вкупно 40.000 евра за изградба на Модуларната ковид болница.
За изградба на модуларната болница значајни средства издвои и АД ЕСМ, која одлучи средствата наменети за рекламен материјал за Новата година, во износ од 2.400.000 денари да ги насочи за изградба на Ковид центарот.
Според проектот Модуларниот ковид центар во Битола, ќе зафаќа површина од 1.000 м2 и се состои од 3 модуларни градби, од кои две се наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.
Ковид центарот треба да биде опремен со најсовремени апарати за лекување на позитивни лица од Ковид 19, а ќе бидат поставени и апарати за кислородна поддршка.