Црвениот килим е постелен. Најголемиот број од гостите се веќе во Битола. Променет е и сообраќајниот режим за возилата.
Во Битола се е подготвено за почеток на најновото, 43 издание на фестивалот на филмската камера “ Браќа Манакиќ “, кој годинава ќе се одржи под мотото „Реалноста не е доволна“
Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на францускиот филм „Мајка и син“,во режија на Леонор Сераије и директорката на фотографија Елен Лувар.
Овој филм премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал годинава, каде главниот сценограф ја доби наградата за млад филмски техничар.
Ова е петти филм на Лувар кој се прикажува во Главната програма на „Браќа Манаки“, откако претходно нејзините филмови играа: во 2003 година „Затвор“ (The Cage) во режија на Ален Раус; 2012 година „Атомска ера“ (Atomic Age), во режија на Хелена Клоц; „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ (The Invisible Life of Euridice Gusmao) во режија на Карим Ајнуз, 2019 година – за кој ја доби „Златната камера 300“ – и минатата година „Мурина“, во режија на Антоанета Аламат Кусијановиќ.
Елен Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал итн.
Во Битола од вчера е пристигнат и Ентони Дод Ментл, добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, која ќе му биде врачена вечерва.
Во текот на денешниот ден ќе пристигнат и Дариа Д’ Антонио, кинематограферката на филмот „Божја рака“ на Паоло Сорентино, која по утрешната прес конференција ќе одржи мастер клас, Маја Богојевиќ и Мелиса Созен, членки на меѓународното жири за главната селекција, актерката Ева Херциг, потоа кинематограферот Душан Јоксимовиќ, Јасмин Башиќ, член на жирито за документарната селекција, кинематограферот Бен Гуез, Најџел Волтерс почесниот член на ИМАГО и многу други.